ПОЦ нема да го поевтини паркирањето за да не го зголемува сообраќајниот хаос


Фото: Независен

Наспроти одлуката на Град Скопје, „Паркинзи на Општина Центар“ нема да го следи примерот на „Градски паркинг“ и не планира да направи корекција на цените за паркирање на паркиралиштата со кои стопанисува.

„Политиката за намалување на цените за паркирање, според нас, е погрешна, бидејќи тоа ќе доведе до зголемување на бројот на возила во централното градско подрачје, а со тоа ќе се намали просторот за паркирање, кој и без возилата од другите општини не е доволен за потребите на жителите на Центар“ велат од ПОЦ.

Според нив, ако се има предвид дека сите јавни институции и многу приватни компании се лоцирани во центарот на градот, доколку ги намалат цените за паркирање, како што велат, би ги поттикнале граѓаните да ги користат своите автомобили повеќе и ќе се предизвика поголем сообраќаен хаос и узурпација на паркинзите за резиденти, кои претпријатието се обидува да им ги обезбедиме на жителите од општината.

„Ние како претпријатие веќе неколку години водиме доследна политика со цел да го намалиме бројот на паркирани возила на територија на Општина Центар и да им овозможиме на жителите похумани услови за живеење, кои секогаш имаат приоритет пред другите граѓани. Следствено на тоа, сите одлуки на претпријатието во изминатите години беа донесени за да се дестимулира користењето на возила, а истовремено да се стимулира користењето на градскиот и алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети итн.) со кој значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во Центар, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина“, објаснуваат од ПОЦ.

Од вчера на зонските паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“, со одлуки на Управниот одбор на претпријатието и на Советот на Град Скопје се намалени цените за паркирање. Со новата одлука не е опфатено паркирањето во катните гаражи на ЈП „Градски паркинг“, каде што цената и понатаму останува непроменета.