Побарувањата биле резервирани, а не отпишани: МЕПСО го објаснува извештајот на ДЗР


АД МЕПСО вечерва реагираше на известувањето на, како што велат „дел од медиумите“, за извештајот на Државниот завод за ревизија во кој оваа компанија за пренос на електрична енергија доби негативни оцени и бројни сериозни забелешки за нејзиното работење. 

Од МЕПСО, во подолга реакција до медиумите велат дека биле невистинити тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници. Според МЕПСО станува збор за „резервација“ на средства, а не отпис или простување на истите, „што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат“.

Денеска на презентацијата на извештајот за МЕПСО, државните ревизори посочија дека дури 14 милиони евра се средства кои што практично се ненаплатливи, од фирмите кои тргувале со струја и кои извршија упад во преносниот систем, како и дека МЕПСО нема да може да ги наплати тие побарувања. Одлуката за „резервирање на средствата, како што објавија дел од медиумките, била потрпишана од страна на членовите на Управниот одбор на компанијата.

Од МЕПСо исто така имаат многубројни забелешки и на пишувањето на „дел од медиумите“ во врска со отпремнините на членови на Управниот одбор. Според МЕПСО , станувало збор за „додадени нестручни и паушални коментари“, при што, како што меѓу другот велат членовите на Управниот одбор на АД МЕПСО се избрани лица со мандат од 4 (четири) години, и како избрани лица кои имаат статус на менаџери тие во согласност со Законот за трговски друштва имале склучено менаџерски договори во кои се уредени нивните права, обврски и одговорности, се до траење на нивниот мандат.

„Како едно од правата кои го имаат членовите на УО е и правото на отпремнина во износ од 12 месечни плати, кои го остваруваат само доколку им биде прекинат мандатот, пред да истече истиот т.е. доколку мандатот им прекине пред истек на периодот од 4 (четири) години, за кој се избрани, посочуваат од МЕПСИ при што додаваат дека вакви менаџерски договори имаат сите избрани лица (менаџери) и во другите државни компании т.е. акционерски друштва во државна сопственост.

Од МЕПСО демантираат дека членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот земале отпремнина само за еден или неколку месеци директорување.

„Вистината е дека согласно склучените менаџерски договори членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот, можат да стекнат право на отпремнина само доколку имаат најмалку 6 (шест) месеци остварен мандат како менаџер во АД МЕПСО. Исто така не е точно дека членовите на Назорниот одбор на АД МЕПСО земале отпремнини, бидејќи тие немаат менаџерски договори и такви права не им следуваат“, се вели во реакцијата.

Во однос на тоа дека членови на УО ја тужеле компанијата и добиле отштета, од МЕПСО посочуваат дека двајца бивши членови на Управниот одбор на АД МЕПСО, на кои им бил прекинат мандатoт пред истиот да им истече, поднеле тужби за исплата на отпремнини согласно склучените менаџерски договори до Основниот граѓански суд Скопје.

„Само на еден од нив судот со правосилна пресуда му досуди отпремнина во износ од 12 месечни плати, но на другиот поранешен член на Управен одбор судот му го одби тужбеното барање, и таа одлука е правосилна“, велат од МЕПСО.

Од компанијата исто така демантираат дека во текот на 2021 и 2022 година имало судска постапка од поранешен генерален директор.

„Името и презимето на поранешен член на Управен одбор кој го тужеше АД МЕПСО за отпремнина и судот го одби во тоа негово тужбено барање е исто со името и презимето на еден од подоцнежните членови на Управен одбор на АД МЕПСО кој ја вршеше функцијата Претседател на Управен одбор и Генерален Директор на АД МЕПСО, кој го нема тужено АД МЕПСО“, се вели во реакцијата.

Во однос на делот кој се однесува на ТЕЦ Неготино, АД МЕПСО дообјаснува дека согласно законската обврска за обезбедување на ладна резерва, компанијата била  задолжена од законодавецот по овој основ да врши плаќање кон ТЕЦ Неготино, како законска обврска која предходно законодавецот му ја имал дадено на АД ЕЛЕМ (сега АД ЕСМ).