По протестот на Филхармонија: Министерството за култура интензивно работи на решение


Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура интензивно работи на решение кое набргу ќе го сподели со сите засегнати. Впрочем, тоа им го вети и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на неколкуте средби.

Веруваме дека на филхармоничарите набргу, кога ќе го слушнат решението, ќе им биде јасно дека со одлуката за привремено останување на џез-музичарите во Филхармонијата до правното регулирање на нивната НУ, никој немал никаква заднинска намера.

Фото: Б. Грданоски

Нема логика Министерството за култура, под чија надлежност се сите национални установи, значи и Филхармонијата и новоформираниот Џез-оркестар, да работи на штета на која било од нив, се вели во соопштението од ресорното Министерство. 

Денеска, Македонската филхармонија одржа протест со своевиден концерт пред Министерството за култура по повод одлуката новоформираната национална институција Џез оркестар на Р.С. Македонија привремено да биде сместена во објектот на НУ „Филхармонија“.  Настапија со репертоар на познатии композиции од Џон Вилијамс, Бетовен…

Фото: Б. Грданоски
– Министерството за култура оваа одлука ја донесе без никаква консултација со нашата институција, заткулисно, тајно и без никаква поширока дебата, што за нас, е крајно поразително и деградирадирачки. Изминативе недели, нашиот глас, за жал не допре ниту до Министерството за култура, ниту, пак оттаму покажаа елементарно разбирање за суштинските проблеми кои ќе настанат доколку оваа одлука остане непроменета. Иако дел од стручната и пошироката јавност укажаа на последиците од носењето на оваа одлука, Министерството за култура до сега, не појави интерес за решавање на проблемот.
Фото: Б. Грданоски

Бидејќи неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја заштитат нашата културна институција – најстара во земјава, одлучивме нашето незадоволство да го изразиме преку мирни протести кои ќе се одржуваат дo конечната промена на оваа одлука – велат од Филхармонија.