По препорака на ГРЕКО: Ќе се проверуваат советниците на Заев


Советниците на премиерот Зоран Заев и министрите, односно луѓето со кои се опкружени највисоките носители на извршната власт, нивните етички норми и директорот на Бирото за јавна безбедност, се најдоа во препораките на Групата на земји за борба против корупцијата ГРЕКО, која минатата година ја скенираше состојбата во земјата. Како што објаснува професорката Ана Павловска-Данева, која е претставник на државава во ГРЕКО, оваа организација нема проблем со бројот на советниците на премиерот и нивните професионални критериуми, туку бараат да се утврди дали луѓето на премиерот и министрите имаат некаков конфликт на интереси.

Според оваа препорака, ќе се проверуваат и сегашните педесетина советници на Заев, односно дали го искористил своето политичко влијание доколку некој од нивните блиски роднини се вработени во државни институции. На прв поглед, ваков конфликт на интереси меѓу советниците кај премиерот можно е да се утврди кај советникот на премиерот Горан Стаменковски, кој истовремено е вработен и во Кривичниот суд. Ваквата проверка треба да ја направи самиот премиер и оваа проверка да ја објави на веб-страницата на Владата.

„Ќе треба да се воведат таков вид критериуми, прашалници, да се види дали има конфликт на интереси пред тие да бидат ангажирани за советници, а за постоечките наназад ќе треба да се испита тоа“, вели Павловска-Данева.

Откако во јавноста се објавија имињата и парите што ги земаат советниците на премиерот, тие беа објавени на веб-страницата на Владата. И додека премиерот ги објави своите советници, ниту еден министер во Владата ги нема објавено имињата на своите советници. ГРЕКО бара на веб-страницата јавно да се објават советниците на сите министри и да се напише што точно работат тие, за јавноста да знае секој советник што работи, односно што го советува министерот или премиерот.

Во иднина, според препораките на ГРЕКО, ќе се менува етичкиот кодекс за министрите и премиерот и тие ќе бидат казнувани за етички прекршоци. Попластично кажано, ако премиерот или некој министер на патување во странство добие на подарок скапа слика, тој не смее да ја задржи во своја сопственост. Ќе се направи регистар на подароци кои ќе останат во сопственост на државата. Министрите веќе нема да можат да ги носат своите сопруги на службени патувања во странство на трошок на државата. Ваквите прекршоци во иднина јавно ќе се објавуваат, ќе следува укор и парични казни.

Забелешки има и за законот за лобисти, а тоа го кажува фактот што не се регистрирани лобисти. Откако ќе биде изготвен новиот закон, сите средби на невладините организации и фирмите со претставници на институциите, треба да бидат јавно објавени.

Од вкупно 23 препораки на ГРЕКО, 14 се однесуваат на Министерството за внатрешни работи. Сепак, Павловска-Данева вели бројот на препораките не е спектакуларен, со оглед на тоа дека фокусот е ставен на Министерството за внатрешни работи.

ГРЕКО препорачува сите полицајци и сите функционери да одат на обука во Државната изборна комисија за спречување на корупцијата за да учат што значи интегритет и конфликт на интереси. Во делот на Министерството за внатрешни работи, ГРЕКО се задржува најмногу на критериумите за избор на директор на Бирото за јавна безбедност. Според нив, со постојните критериуми, директор на БЈБ може да биде секој, но се препорачуваат критериуми со кои на чело на МВР ќе се избира професионалец, а не политички послушник. За да се воведат овие критериуми, ќе треба да се направат измени на Законот за внатрешни работи и полиција.

Освен дневните билтени и извештаите, Министерството за внатрешни работи треба да го објави и својот буџет, а секторот за внатрешна контрола на МВР треба да се оддели од какво било политичко влијание од министерот.

Извештајот на ГРЕКО беше објавен пред неколку дена, а она што беше најударно пренесувано, е констатацијата на ГРЕКО дека системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата.

„Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали на судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно“, се вели во воведот на методологијата.

Павловска-Данева вели дека ова е само вовед за нашата земја и се однесува за пред неколку, а препораките се однесуваат на сосема други сектори за актуелната власт.

„Со оглед на тоа што многу изјави имаше околу работењето или неработењето на СЈО или на Јавното обвинителство, околу слободата или неслободата на медиумите, околу партизацијата или непартизацијата на администрацијата, многу ми е важно да потенцирам дека тие теми се дел од нив, се теми на четвртиот круг на ГРЕКО, кој беше спроведен од 2013 до 2016 година, а сега зборува ГРЕКО и истражува и испитува состојби за корупција и интегритет во министерствата, МВР посебно и кабинетот на претседателот на Владата. Така што сите изјави околу претходните прашања се само еден вовед за државата, а главната тема се корупцијата и интегритетот во највисоките носители на извршна власт“, изјави Павловска-Данева.

Сепак, таа соопшти дека евалуациониот тим на ГРЕКО кој беше во земјава од 1 до 5 октомври 2018 година побарал ненајавена средба во СЈО на која биле известени за некои позитивни случувања кои вклучуваат криминализација на корупција од висок профил.

Рокот што ни е даден од страна на ГРЕКО за исполнување на овие препораки е 18 месеци, односно до 30 септември следната година ќе треба да поднесеме извештај што од препорачаното сме успеале да оствариме.

Фросина Факова – Серафиновиќ