По победата во Рејкјавик, Македонија одигра реми со Исланд во Скопје


Македонската ракометна репрезентација одигра реми против Исланд во квалификациите за ЕП 2020 година.

Ова е прво реми за нашата репрезентација во квалификациите, откако во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ натпреварот заврши 24:24.

По победата пред неколку дена во Рејкјавик, нашата репрезентација беше блиску до победата и овојпат, но гостите успеаја да се спасат од пораз во самиот финиш од натпреварот.

Двете репрезентации одново приредија драматичен натпревар кој беше решен со голот на Јонсон на три секунди пред крајот на натпреварот.

Но, и покрај ваквиот исход, нашата репрезентација и понатаму е лидер во квалификациската група, па со два триумфи на преостанатите натпревари против Турција и Грција ќе го задржиме првото место, а со тоа пласман на ЕП и место во првиот шешир при ждрепката за групната фаза од континенталниот шампионат.

Македонија имаше водство на почетокот од натпреварот, по што следуваше драстичен пад во играта и голгетерска криза од цели десет минути за нашата репрезентација, па на полувреме се замина со 10:11 во корист на гостите.

По самиот старт на вториот дел, Исланд успеа да дојде до високи 12:15, благодарение на гостинскиот голман, но и Борко Ристовски на спротивната страна ја одржуваше Македонија во одржлива негатива со своите 10 одбрани за нешто повеќе од половина час игра.

На 15 минути од крајот на натпреварот нашата репрезентација се врати во егал, па дури успеа и да поведе со голот на Лазаров, по што следуваше неизвесен финиш. Македонија во еден момент имаше два гола предност и напад за зголемување на предноста, но нашите играчи направија грешка, па му овозможија на Исланд да се врати во мечот.

Во последните пет минути се влезе со нерешени 22:22. Исланд направи грешка, Манасков повлече противнапад и погоди за 24:23, по што Исланд погоди за 24:24 на три секунди до крајот на натпреварот.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Лазаров со осум погодоци, а Манасков и Талески завршија со по четири. Борко Ристовски имаше 12 одбрани. Јонсон на спротивната страна постигна пет гола.

Квалификациите за ЕП продолжуваат во јуни, кога Македонија ќе гостува кај Турција.

На другиот дуел од 4.коло во Групата-3, Турција ја победи Грција со 26:23.

Табела: Македонија 5 бода, Исланд 5, Турција 4, Грција 2.