По осуммесечно бегство, уапсен шверцер на 20 килограми дрога


По осуммесечно бегство, полицијата го уапси 39-годишниот скопјанец М.О., кој се бараше поради шверц на дрога тешка дваесетина килограми. Во акцијата во март, приведен  беше неговиот партнер Д.И. (65), исто така, од Скопје, а двајцата се товарат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Според МВР, пријавените го сториле кривичното дело во текот на март годинава кога од лице во Косово, набавиле, а потоа и организирале транспорт на наркотична дрога марихуана. Истрагата утврдила дека М.О. стапил во контакт со Д.И. и му понудил заедно да ја транспортираат дрогата за одреден паричен надомест.

„За таа цел, од Агенција за изнајмување на возила, второпријавениот изнајмил возило марка ‘форд транзит’. Со изнајменото возило, заедно се упатиле кон граничниот премин Долно Блаце и оствариле влез во Косово. Се упатиле во Приштина, каде е извршено преземањето на наркотичната дрога, по што тргнале назад кон Македонија. Кога пристигнале пред граничниот премин, првопријавениот на Д.И. му дал инструкции како да го изврши транспортот преку границата со цел да остане незабележан, додека истиот се упатил пешки да го помине граничниот премин“, велат од полицијата.

Во претпладневните часови на 21 март, Д.И. пристигнал на преминот Долно Блаце, но по деталниот преглед од страна на царинските службеници, пронајдени биле вкупно 42 пакувања наполнети со непозната растителна материја. По вештачењето било утврдено дека станува збор за марихуана со вкупна нето маса од 19,325 грама. (Г.А.)