По хаосот поништени изборите во Киргистан


Централната изборна комисија на Киргистан денеска ги прогласи изборните резултати за неважечки.

Парламентарните избори во оваа земја се одржаа на 4 октомври.

„Поради неправилности во текот на гласањето и во предизборниот период, на состанокот на членовите на Централната изборна комисија донесена е одлука парламентарните избори да се прогласат за неважечки – се наведува во соопштението пренесе Тас.

Приврзаниците на неколку партии кои според прелиминарните резултати не освоија ни едно место во парламентот, синоќа се собраа на централниот плоштад во главниот град Бикшек, оценувајќи дека гласањето е лажирано.

Демонстрантите по повеќечасовни судири со полицијата упаднаа во зградата на парламентот и на владата и ги ослободија од затвор поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев и премиерот Сапар Исаков.

Киргистанскиот опозициски политичар и поранешен висок службеник за безбедност Курсан Асанов се прогласи за вршител на должноста министер за внатрешни работи, изјави денеска портпарол на Министерството, откако демонстрантите незадоволни од резултатите на парламентарните избори зазедоа неколку владини згради.

Претходно, демонстрантите, исто така, назначија вршител на должноста шеф на национална безбедност, државен обвинител и командант на главниот град.

Портпаролот рече дека на полицијата и е наредено да ја осигураат безбедноста на граѓаните и да спречат судири и кражби меѓу демонстрантите. Тој вели дека досегашниот министер за внатрешни работи Кашкар Јанушалиев не се појавил на работа. Западни медиуми оценуваат дека тоа е знак дека претседателот Сорнбај Женбеков ја губи контролата над државата иако тој тврди поинаку.

Неговиот кабинет преку соопштение утринава порача дека „претседателот ја контролира ситуацијата во земјата и изразува уверување дека сите политички сили ќе ги стават интересите на земјата пред личните“.

Прорускиот киргистански претседател денеска истакна дека ја има контролата врз земјата, иако синоќа демонстрантите го зазедоа седиштето на владата и го ослободија од затвор неговиот претходник  и политички непријател Алмазмек Атамбаев, по насилните судири со полицијата.

Демонстрантите се качија на оградите на зградата на парламентот и запалија автомобили. Безбедносните сили ги запреа со водени топови, солзавец и шок бомби.

Медиумите информираат за над 100 повредени.

Но, во затворот, според АФП, тие не наишле на отпор и го ослободиле поранешниот претседател „без употреба на оружје и без сила“, рече Адил Турдуков, еден од неговите приврзаници кој присуствувал на местото на настанот, пренесува Хина.

Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат како Атамбаев ги поздравува своите приврзаници.

Во јуни, Атамбаев беше осуден на 11 години затвор заради корупција. Утврдено е дека за време на неговиот мандат од 2011 до 2017 година, тој организирал ослободување на познат шеф на мафијата.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која независно ги следеше изборите, соопшти дека изборите биле извалкани од „веродостојни обвинувања за купување гласови“.