По два месеци блокади пакетот економски мерки ја помина комисиската рампа

Без поголема расправа, но со задоцнување од скоро два месеци на собраниската Комисија за финансирање и буџет беше изгласан пакетот со четирите економски закони од петтиот сет на мерки за справување со ковид кризата.
Законите поминаа со мали технички амандмански измени поради наведените дати на кои рокот им истекуваше. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе свои амандмани, но не беа прифетени поради веќе изготвениот буџет за конкретно определениот временски рок.
Со овие мерки финансиски ќе им се помогне на најзагрозените стопански гранки. Нивното доцнење остави без плата илјадници граѓани, а голем број вработени беа испратени на принуден одмор.
Покрај предлог законите за финансиска помош за исплата на плати за месеците февруари и март, на Комисијата помина и законот за помош на ранливите категории на граѓани. Овој предлог закон се однесува на 22 илјади граѓани кои лани поради кусите рокови не успеаја да си ги подигнат шесте илјади денари државна помош. Првичниот рок беше до 31 март, но со амандман беше продолжен до 31 мај.
Се очекува во најбрз можен рок да биде свикана и пленарната седница која како последен собраниски филтер ќе треба да ја поминат овие законски решенија.