По 18 дена во затвор Владимир Талески конечно доби отказ од Битолскиот театар
БИТОЛА – По 18 дена во затвор, екс-градоначалникот на Битола Владимир Талески конечно доби отказ од работа од Битолскиот народен театар. Правосилната пресуда за Талески со денови „патуваше“ од Скопје до Битола, па Битолскиот театар без неа не можеше да му го прекине работниот однос на актерот првенец.
Битолчани со право коментираа на социјалните мрежи дека на „обичен“ граѓанин после три дена неоправдано отсуство од работата веднаш добива отказ, а Талески ја има таа „привилегија“ и од затвор да зема државна плата близу 1.000 евра и да му тече пензиски стаж.
„Битолскиот народен театар известувањето за правосилноста на одлука на Апелацискиот суд во Скопје го доби дури вчера, со тоа што ние како институција го одјавивме од работа денеска со важност од 25 јануари. Со ова актерот Владимир Талески веќе не е вработен во Битолскиот театар“, велат од оваа културна институција за „Независен“.
Талески има 36 години работен стаж и набрзо ова пролет ги исполнува условите за пензија.
Меѓутоа, сега останува нејасно дали екс-градоначалникот Талески ќе ги врати парите што ќе легнат на неговата сметка за времето од кога е правосилна одлука за ефективна казна затвор до вчера кога Битолскиот театар му даде отказ. Се работи за период од неколку недели. Овие пари според редот на нештата треба да се вратат во државниот буџет, со оглед на тоа што Театарот е под државна капа.
Талески на 9 јануари беше спроведен во затворот во Прилеп на ефективна казна затвор од 4 години, од вкупно изречените 7 години, за криминалот со школскиот превоз тежок 360 илјади евра, но платата му течеше се до вчера додека во Битолскиот театар и официјално не стаса правосилната одлука од Апелацискиот суд во Скопје.
Талески за цело време од 2016 години досега земаше плата од над 52 илјади денари од Битолскиот театар му течеше и стажот, иако беше во домашен притвор со извесни прекини, со образложение на институциите дека неговата пресуда за казна затвор не е правосилна.
Скопска Апелација речиси три години не одлучуваше за случајот „Транспортер“ и под притисок на медиумите, особено пишувањата на „Независен“ пред Нова година ја објави пресудата со тоа што на двајцата обвинети со затворски казни, на екс-градоначалникот Талески и екс-секретарот на Општина Битола Слободан Бончановски му ги потврди казните ама им ги намали за по една година. Вкупната казна за Талески е 7 години затвор со тоа што тој три години помина во домашен притвор. Поради необјавувањето на пресудата од Апелација Судскиот совет испрати работна група во судот да изврши увид во предметот, по што беше објавено дека предметот за Талески и останатите обвинети во „Транспортер“ речиси три години седеше во фиока во Апелација, а судија-известител беше Енвер Беџети. Истиот судија што како известител со месеци го држеше во фиока и предметот „Таргет-Тврдина“ во кој Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор. (А.Б.)