Плочник во сабота станува место за одржлива мода со над 90 изложувачи и 10 организации

Посетителите ќе можат да разгледаат и купат внимателно одбрани парчиња облека, винтиџ предмети, книги, винилни плочи, накит, чанти, локални ракотворби и еко-производи. Дел од понудата ќе биде наменета и за еко-трампа. Тоа значи дека можете да донесете нешто што не ви треба, а од друга личност да земете нешто што ви е потребно во домот, а не сакате да потрошите премногу пари.

Посебен дел од настанот ќе бидат граѓанските организации кои ќе учествуваат со хуманитарна цел, а дел од средствата собрани на базарот ќе бидат донирани.
Зад „Трифт на Плочник“ стои профилот и граѓанска организација Second Hand Faves, а главен иницијатор и заштитно лице на настанот е Ина.
Идејата е преку second-hand културата да се поттикне повторната употреба на облеката, да се намали отпадот и да се подигне свеста за поодржлив начин на купување. Но настанот има и поширока цел – оживување на јавните простори и создавање место каде различни генерации можат да се сретнат, да разменат нешто свое и да поминат време заедно.

„Трифт на Плочник“ ќе започне во 11 часот, еден час порано од првично најавениот термин поради временските услови. Настанот е поддржан од Општина Центар.
Плочник во сабота ќе биде место каде старата облека, книгите и предметите добиваат нова приказна, но и место каде second-hand културата се поврзува со заедницата и хуманитарната работа.