Плочите од новиот албум на Колдплеј ќе бидат направени од стари пластични шишиња
Секој примерок тежок 140 грама од „Мун Мјузик“, кој ќе излезе на 4 октомври, ќе биде направен од девет пластични шишиња извадени од отпад. Но и останатите медиуми ќе бидат обележани со префиксот „еко“ – албумот уште од сега може да се нарача во четири физички формати, сите јасно означени како „прво издание“, и тоа Еко ЦД, Стандардно Еко ЛП, како и тн. „Еко ноутбук“ издание и на ЦД-то и на плочата во комплет со книга во тврд повез. Таа е реплика на оригиналната студиска тетратка на Крис Мартин, пејачот на бендот. Огромен дел од пластиката којашто притоа ќе биде употребена е од непрофитната организација The Ocean Cleanup од Гватемала, која спречила нејзино влегување во заливот на Хондурас и во Атлантскиот океан.
Бендот вели дека ќе ги намали емисиите на јаглерод споредено со обичниот 140-грамски винил за 85% и ќе превенира производство на 25 тони нова пластика. Примероците на ЦД-ињата ќе бидат направени од 90% рециклирана пластика, со 78% намалени емисии споредено со традиционалните ЦД-иња.
Инцијативата е во склоп на обидот на Колдплеј да го намали влијанието врз животната средина на своите турнеи. Во тек е нивната светска турнеја „Музика на сферите“, која во моментов се води како трета најпрофитна на сите времиња.
„Мун мјузик“ ќе биде десетиот албум на Колдплеј, а првиот сингл од него, feelslikeimfallinginlove, ќе биде објавен во петок, 21 јуни.