Пласидо Доминго во нов скандал- го поврзуваат со криминална група која тргувала со луѓе


 

Аргентина– Јавното обвинителство на Република Аргентина го поврза оперскиот пејач Пласидо Доминго (81) со криминална група од градот Буенос Аирес која служела како параван за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација и други кривични дела.

Минатата недела аргентинската полиција извршила 50 рации на локации поврзани со оваа криминална организација и уапсила 19 лица. Криминалната група дејствувала под името Буенос Аирес школа за јога.

Неколку јужноамерикански телевизии објавија аудио снимки на кои наводно се слушаат Доминго и членовите на криминалната организација како прават различни планови. Снимките се добиени со прислушување, а засега јавноста се уште не знае кога се снимени. Контекстот на снимките кои излегоа во јавноста не е познат.

Доминго, некогаш еден од најпочитуваните тенори во оперскиот свет заедно со покојниот Лучијано Павароти и Хозе Карерас, поднесе оставка како генерален директор на операта на Л.А во 2019 година, откако неколку жени се појавија со тврдења за сексуално недолично однесување.

Во март 2020 година, Националната опера на Вашингтон во Вашингтон се дистанцираше од пејачот роден во Шпанија, кој беше нивни уметнички директор, а подоцна и генерален директор од 1996 до 2011 година.

Сепак, тој продолжи да настапува надвор од Соединетите Држави, вклучително и на собирот за собирање средства во Буенос Аирес во април во корист на жртвите од руската инвазија на Украина.