Планини ѓубре посакуваат добредојде во Гази Баба, ги гледа ли Арсовска?


Фотографии од диви депонии на влезот во Општина Гази Баба споделија денеска од владејачката СДСМ, поради што тврдат дека градоначалничката на Скопје Данела Арсовска ја лаже јавнодат дека исчистиле 150 депонии за 82 дена.

– Градоначалничката на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска не ја зборува вистината кога тврди дека исчистила 150 депонии во првите 82 дена од нејзиниот мандат. Насекаде низ Скопје, во сите општини постојано се појавуваат нови депонии, а постоечките стојат неисчистени – велат од СДСМ.

Појаснуваат дека како што се гледа на фотографиите во прилог, добредојде на граѓаните во општина Гази Баба им посакуваат планини отпад, а слични глетки има во сите скопски општини.

Арсовска, вчера се сретна и со амбасадорката на Кралството Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон. На средбата таа рече дека приоритет е чистењето на депониите, како и стимулирањето алтернативни видови превоз, со цел намалување на загадувањето на главниот град.

– Посветено работиме на заштитата на животната средина, а особено внимание посветуваме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух. Во таа насока, приоритет во нашата работа е чистењето на дивите депонии кои се извор на загадување, стимулирањето на алтернативните видови превоз и набавката на екоавтобуси, рече Арсовска, соопштија од Градот.

На презентацијата на сработеното по 82 дена на власт (Арсовска со бројот 82 на гласачкото ливче стигна до градоначалничката функција) таа рече дека исчистени се 150 депонии, бројка што со секоја нова прес-конференција растеше. Од почетокот велеше дека детектирале 12, па исчистиле 130, за на последната презентација бројката да порасне до 150.

Сепак, новинарите ѝ забележаа дека речиси најголемата дива депонија во Скопје, таа во Шуто Оризари, уште стои. Арсовска рече дека сега, по допрен глас, ќе направат план за расчистување и на таа депонија.