Галетановски подготвен да ѝ се извини на Силјановска


„Подготвен сум да ѝ се извинам на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова“, вели во изјава за „Независен весник“, Ѓорѓи Галетановски – првиот човек на Централниот изборен штаб на кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, во Скопје. Во екот на епизодната битка за тоа кој води пофер и поцивилизирана кампања, бура во таборот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика фејсбук-коментарот на Галетановски во кој тој вели „…логички во Бардовци треба да оди“.

Навредата е упатена како коментар под друг пост во кој се забележува: „логички следува дека свекрвата е од мало место помеѓу Кичево и Кочани“, со јасна алузија на еден од гафовите на Силјановска поврзан со градовите: „Почитувани кочанчани, почитувана фамилија Јовановски, мојата свекрва е од Кичево, Јованова. Леле, извинете, од Кочани“.

„Никогаш не сум ја навредил Силјановска на моја објава на ‘Фејсбук’. Можеби сум претерал во одреден коментар на друга објава и за тоа сум подготвен да ѝ се извинам. Но, не гледам ништо спорно во тоа што ги објавувам нејзините гафови. Доколку претседателскиот кандидат Стево Пендаровски или СДСМ сметаат дека јас треба да престанам да ги извршувам своите задачи, подготвен сум да ја прифатам таа одлука“, вели Галетановски, кој е директор на Зоолошката градина во главниот град.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е тотално дезориентирана и на неумешен начин се обидува да фрли светло на својата секојдневна црна кампања.

„Ме промовираа во шеф на Изборниот штаб, но тоа е генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, а негов заменик е Дамјан Манчевски. Јас раководам со Централниот штаб во Скопје“, вели Галетановски.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ му посвети прес-конференција на Галетановски, посочувајќи дека навреди, омаловажувања по пол и возраст се само дел од непримерните напади на Стево Пендаровски и неговиот тим упатени директно кон кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова.

„Велат, логички у Бардовци треба да оди и тоа е навреда упатена преку социјалната мрежа ‘Фејсбук’ директно од шефот на изборниот штаб на Стево Пендаровски, Ѓорѓи Галетановски наречен Чомбе кон Гордана Силјановска- Давкова. Ова е коментарот на Галетановски објавен  на неговиот фејсбук- профил“, рече портпаролот Наум Стоилковски.

Ваквиот коментар на Галетановски, според ВМРО-ДПМНЕ, предизвикал низа други навредливи коментари преку социјалните мрежи.

„Со ваквите коментари се омаловажува Силјановска и се дискредитира нејзината личност. Стево Пендаровски, пак, на телевизискиот дуел негираше дека кој било од неговиот тим ја навредувал Силјановска, очигледно играјќи на краткото паметење и притоа ветувајќи дека доколку му се дадат докази за навреда кон неа од кој било од неговиот тим, тој веднаш ќе го избрка тој лик од тимот  што му ја води пиар-стратегијата за време на оваа кампања. Господине Пендаровски, очекуваме доследност во вашите ставови. Напуштете ја матрицата на Зоран Заев за негирање. Доколку и овој пат не го испочитувате вашето ветување, само ќе потврдите дека вие и Заев сте 102,5 отсто исти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Освен ситните боцкања од типот на провокацијата која Гордана Силјановска- Давкова ја упати кон Стево Пендаровски за време на дуелот на телевизија Сител – „имате сомнителна диплома, којзнае кај сте ја купиле?!“ – тројцата кандидати и натаму се држат до релативно пристојното ниво на политичка комуникација. За валканите работи се задолжени партиските машинерии од чии фабрики за жигосување на политичкиот противник излегуваат и крајно некреативни пропагандни видеоматеријали за кои плаќаат граѓаните.

Таков беше спотот „Бутик“ за кој Силјановска вели дека реагирала да се стопира и дека ќе му се извини на Пендаровски, откако овој во телевизискиот дуел рече дека бил шокиран од содржината. Но, очигледно е дека Силјановска не може толку да стопира колку што може ВМРО-ДПМНЕ да продуцира. Па така вчера и завчера во ударен термин во етерот се вртеше „сродниот“ спот на „Бутик“ – сега наречен „Фризерница“.

Ако во „Бутик“, кој сè уште стои на фејсбук страницата на ВМРО-ДПМНЕ, ликовите што треба да ги претставуваат Пендаровски и Силјановска беа продавачи на маички, сега тие се фризери. Работните места променети, а пораката што треба да произлезе од видеоматеријалот иста. Едните се за традиција и патриоти, другите предавници. Фризерката, која повторно ја краси литературниот израз, се нуди со зборовите: „Ако сакате достоинствен изглед…, со мене ќе бидете задоволни со вашиот идентитет…“, а фризерот кој зборува жаргонски, пак, ги поместува очилата и подшмркнува и наместо да нуди „маичка за лежаљка у Грчка“, сега ќе рече: „Знам да фарбам, најболје фарбам, ново име на дуќанот ќе ставам… стоки“. А на крајот веќе очекувано ќе поентира со закани: „Ако не седнеш кај мене, знаеш. Катица, Вилма, Добрила стални муштерии ми се, можеби ќе се наљутат“.

Реакциите во јавноста и по овој видеоматеријал се претежно негативни. Со вакви содржини, со цел да се наруши јавната слика за политичкиот противник, по секоја цена, според експертската јавност, дополнително се контаминира јавниот дискурс и не носи никаков ефект освен задоволство кај слепите поддржувачи и одбивност кај неутралните гласачи.

Наум Котевски