Пилата, сепак, дојде по дрвата на улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром


 

Две години жителите на Аеродром од делот кај улицата „Васко Карангелески“ протестираа за да се спаси повеќедеценискиот дрворед. Но се покажа дека тоа било безуспешно.

Не помогнаа ниту дописите на граѓаните, ниту предлогот на Зелен хуман град за суспензија на урбанистичкиот план околу улицата. Во април годинава граѓаните добиле уверување од градоначалничката Данела Арсовска дека нема да има проширување на улицата како што беше планирано, односно, дека ќе се проширува само едната страна од улицата до училиштето каде што веќе беа и исечени здрави дрвја. Но, проблемот се појави во ноември кога работниците на „Паркови и зеленило“ почнале со интервенциите и на другата страна од улицата, пишува „24 инфо“.

На почетокот на минатиот месец беше постигнат договор со ЈП „Паркови и зеленило“ граѓаните од оваа подрачје да се изјаснат околу плановите за дрвјата и зеленилото. Тогаш беше договорено да се стопираат активностите на ова градско претпријатие на улицата.

„Со новиот проект ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-ина дрвја. Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-ина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван“, изјави пролетоска градоначалничката Данела Арсовска.

Но, пилите, сепак, дојдоа.