Петровска со поддршка од европските „Зелени“


Денеска, Ана Петровска, кандидат за градоначалник на Скопје, заедно со носителката на листата на Зелен Хуман Град, Драгана Велковска, дискутирале со членката на Австриската зелена партија во советот на Виена, Хајди Секвенц, за теми од зелената агенда. 

– Таа нѝ ја искажа својата помош и поддршка и ни посакува успех на претстојните локални избори. Споделуваме заеднички вредности, а се бориме и со исти проблеми. Бетонизацијата како во Скопје, според зборовите на советничката Хајди, е проблем исто така и во Виена. Слично како и нашите заложби против проширување на коловозите, тие се залагаат да превенираат изградба на два големи автопати околу Виена, кои би донеле поголем метеж во сообраќајот – соопштија од Зелен хуман град. 

Најавија дека веќе утре ќе остварат состанок со претставници од Зелената партија на Германија, членови на советот во градот Дизелдорф. 

– Се вмрежуваме со советници, со Зелена агенда низ цела Европа, за да можеме да ги прифатиме нивните искуства и да ги имплементираме во нашата програма за зелено и хумано Скопје. Бидејќи скопјани заслужуваат зелен и хуман град – вели Петровска.