Петровска на воено-дипломатски прием во македонската амбасада во Вашингтон
Министерката за одбрана Славјанка за време на работната посета на Соединетите Американски Држави во амбасадата во Вашингтон, во обраќање на свечениот прием во чест на Денот на независноста на Република Северна Македонија и Денот на Армијата, порача дека нашата држава денеска треба да го обезбеди својот европски пат и се заблагодари за поддршката од нашиот стратешки партнер – САД, во развојот на демократијата и зацврстувањето на мирот.
Пред присутните, министерката Петровска порача дека во трите децении независност беа испишани многу страници македонска историја, исполнети со предизвици и тешки одлуки.
„Во раните деведесетти мојата земја се соочи со голем предизвик, да прогласи независност во мир избегнувајќи војна и страдања. Денес, истакнувајќи го европскиот концепт на единство во разликите работиме на уставни измени за да го обезбедиме нашиот пат кон Европската унија”, рече министерката.

На приемот присуствуваше Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, поранешниот амбасадор на САД во државава, Џес Бејли, поранешни одбранбени аташеи и претставници на американската амбасада во Скопје и Канцеларијата за одбранбена соработка со САД, како и претставници на академската заедница.

Петровска денеска во Пентагон имаше средба со Мара Карлин, вршител на должноста заменик-потсекретар за одбрана на САД за одбранбена политика.
На средбата со Карлин, министерката посочи дека силната македонско-американска соработка ја зголемува безбедноста и ја зацврстува колективната одбрана во Алијансата.
„Сојузништвото во НАТО не е само збор – тоа е наша најголема вредност. Заедно сме посилни и само заедно можеме да ги одбраниме вредностите и принципите во кои веруваме како држави и како општества. Драго ми е што сме целосно посветени на соработката во одбраната. Со американската поддршка за Армијата и македонските капацитети за извежбување ја развиваме интероперабилноста и вештините на секој наш припадник“, порача министерката.
Петровска се заблагодари за поддршката од САД во процесот на модернизација и опремување и порача дека интензивните инвестиции во Армијата, кои се инвестиции и во безбедноста на земјата и на граѓаните, ќе продолжат и во иднина.
„САД досега ја поддржаа македонската одбрана со 330 милиони долари од кои над 135 милиони се вложени само во последната година, а домашниот буџет за одбраната следната година ќе достигне 2 проценти од бруто-домашниот производ, од кои повторно како и годинава, голем процент ќе бидат наменети за модернизација и опремување“ – рече Петровска.
Министерката истакна дека Патоказот кој го потпиша со секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во јуни е документ кој ја исцртува патеката по која ќе се движи македонско-американската одбранбена соработка. Овој документ, рече, е доказ дека и двете земји остануваат силно посветени на засилување на интензитетот на заедничката соработка. Карлин посочи дека за САД, Северна Македонија е посветен и докажан сојузник и дека американската поддршка во сите развојни процеси ќе продолжи и во иднина.