Петровска: Проблем се тајните преговори, не дата центрите


Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска смета дека центрите за податоци можат да бидат значаен дел од дигиталниот развој на Македонија, но предупредува дека нивната изградба мора да биде проследена со целосна транспарентност и заштита на јавниот интерес.

„Центрите за податоци не се проблем. Проблем се тајните договори и матните одговори што ги добиваме од Владата“, порача Петровска.

Според неа, ваквите проекти можат да донесат инвестиции, технолошки развој и нови можности за домашните инженери, но државата не треба да ја прифаќа дигиталната иднина „со затворени очи“.

Петровска посочува дека Владата признала оти преговара со пет-шест потенцијални инвеститори, но, како што вели, јавноста не е информирана кои се компаниите, какви услови бараат и што им се нуди за возврат. Таа предупредува дека станува збор за големи проекти кои би можеле да бараат значителни количества електрична енергија и вода, државно земјиште, даночни поволности, изградба на инфраструктура и долгорочни обврски за државата.

„А каде што има големи пари, вредни ресурси и договори зад затворени врати, секогаш постои сериозен ризик од корупција“, вели Петровска.

Затоа таа предлага во Собранието да се одржи надзорна расправа на која Владата би требало да одговори кои се потенцијалните инвеститори, според кои критериуми се избрани и колку земјиште, електрична енергија и вода би користеле. Пратеничката бара да се објават и информациите за цената по која би ги добивале ресурсите, начинот на финансирање на потребната инфраструктура, како и даночните и другите поволности што евентуално им се нудат на инвеститорите.

Дополнително, таа прашува колку трајни и добро платени работни места реално би биле создадени и кој ќе гарантира дека трошоците за проектите нема да паднат врз граѓаните, додека профитот би останал кај приватните инвеститори. Петровска смета дека на јавната расправа треба да учествуваат и независни експерти, кои би ги оцениле енергетските, еколошките и безбедносните ризици.

Таа отвора и прашање дали Македонија располага со ресурсите потребни за изградба на нови центри за податоци и што може да се научи од искуството со постојниот центар за податоци во Прилеп.

„Надзорната расправа не е напад врз инвестициите. Таа е заштита на јавниот интерес и можност граѓаните да добијат точни информации наместо партиски препукувања“, порача Петровска.

Според неа, доколку проектите навистина се добри за државата, нема причина Владата да се плаши од документи, стручни мислења и јавни прашања.

„Никој разумен не треба однапред да биде против центрите за податоци. Но секој разумен граѓанин треба да биде против тајни преговори чија сметка на крајот може да ја плати токму тој“, заклучува Петровска.