Петрова контра Министерството во кое што работи: Какви се состојбите во Буџетот


Едно министерство, исти бројки, но сосема различни толкувања. Вака накусо изгледа интерпретацијата на податоците за буџетските приходи и расходи во 2024 година, кои веќе два дена се водат интензивно на релација дополнителен заменик министер и Министерство за финансии.  

Прво фејсбук статус на дополнителаната заменик министер за финансии во техничката Влада, Елена Петрова, потоа контра – објаснување од Министерството за финансии, па брифинг со новинарите, исто така на Петрова. Според Петрова состојбите во Буџетот се лоши, а според Министерството за финансии – во рамките на планираното и подобри од истиот период лани. 

Петрова, денеска, на брифинг со новинарите, соопшти дека за три месеци и седум дена од оваа година е остварен рекорден буџетски дефицит, повисок за 126 отсто во однос на истиот период лани. Како што истакна Петрова, во Буџетот нема пари за поголеми плати и пензии, ниту има средства за вработување на 1.117 здравствени работници.

Според анализите на Кабинетот на Петрова, потфрла и наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Нема транспарентност за повратот на ДДВ зашто Министерството за финансии (МФ) и Управата за јавни приходи објавуваат само колку поврат е исплатен, но не и колку должат кон стопанството. Податоците што ги изнесе Петрова покажуваат дека 74 милиони евра невратен ДДВ е долгот на крајот на првиот квартал, плус 16 милиони евра камата за доцнење на исплатата и повеќе од една година старост има една десетина од невратениот ДДВ. Во првиот квартал годинава се исплатени 176 милиони евра поврат на ДДВ што е минусна ставка во ДДВ приходот, а во законски рок се вратени помалку од четири отсто од овој поврат.

Новата влада, оцени дополнителниот заменик министер, ќе биде пред голем предизвик во однос на обезбедувањето на потребните средства во државната каса и ќе треба веднаш да пристапи кон изготвување ребаланс на Буџетот.

„За само три месеци и седум дена од оваа година се потрошени три четвртини од планираниот буџетски дефицит за цела 2024 година. Овој дефицит е рекорден и повисок за 126 отсто во однос на истиот период во 2023-та. МФ вчера се пофали со повисока наплата на приходите во Буџетот во однос на минатата година, но работите не стојат сосема така. Наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката потфрла, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Овие приходи бележат потфрлање и покрај одмрзнувањето на цените и растот на инфлацијата во март, што значи дека приватната потрошувачка се намалува, односно граѓаните не купуваат поради високите цени, рече Петрова на брифингот.

Буџетскиот дефицит, напомена, се троши за финансирање на тековните расходи, а не за капиталните расходи кои се само седум проценти во структурата на вкупните расходи, со што е всушност прекршено златното буџетско правило дека буџетскиот дефицит треба да биде поголем од капиталните расходи.

Пред нас се, укажа, уште три квартали од оваа година, а според досегашните исплати, видно е дека во Буџетот не се планирани доволно средства за плати, пензии, лекови,…

-Врз основа на исплатените износи на плати во јавната администрација и пензии во првиот квартал, односно порастот во однос на истиот период лани, произлегува дека не се обезбедени околу 26 милиони евра за пораст на платите и околу 70 милиони евра за пораст на пензиите, што е вкупно околу 96 милиони евра по двата основа. Кога Димитар Ковачевски го најави пакетот антикризни мерки од 662 милиона евра, нагласи дека за зголемување на платите во администрацијата се обезбедени 150 милиони евра, но ако порастот на платите за само еден квартал е 44 милиони евра, значи дека не се обезбедени потребните средства за раст на платите цела година. Исто и за пензиите, најавата на Ковачевски беше дека за цела година се обезбедени 178 милиони евра, но произлегува дека не се обезбедени средства за раст на пензиите, подвлече Петрова.

Во врска со здравствените работници, објасни дека во Буџетот се обезбедени средства само за исплати на плати по основа на договор за дело.

-Министерството за здравство во јануари годинава сакаше да ја префрли одговорноста за вработување на 1.117 лица, но информациите покажуваат дека во Буџетот на Фондот за здравство и здравствените установи не се обезбедени средства за плати за 1 117 луѓе, туку се обезбедени средства само за исплати по основа на договор за дело, рече Петрова.

Вчера, Министерството за финансии, реагираше на фејсбук статус на Петрова, во која таа објави податоци за јавните приходи и расходи. За сега, министерот Фатмир Бесими не се произнесува лично на проценките на Петрова. 

Притоа, како што посочија од Министерствот за финансии, во првиот квартал од годинава се реализирани приходи во износ од 69,4 милијарди денари што е за 4,8 проценти повеќе во споредба со тој период лани и 22,4 проценти од планираното со Буџетот за годинава.

Расходите се реализирани на ниво од 83,9 милијарди денари што е 24,4 проценти од планираното и за 20,1 проценти повеќе од лани. Дефицитот реализиран во првиот квартал од оваа година изнесува 14,5 милијарди денари.

„Притоа во првиот квартал се извршени исплати во износ од 1,650 милијарди денари за реализација на антикризните мерки од 9-от пакет, 24,9 проценти повеќе средства се реализирани за исплата на плати и надоместоци, 16,9 проценти повеќе средства за социјални трансфери, 21,1 проценти повеќе за пензии, 28 проценти за активни мерки за вработување, 16,2 проценти за здравствена заштита, 11,9 проценти повеќе средства за блок и наменски дотации кон општините и камати кон домашни и странски кредитори за 100 проценти повеќе во споредба со првиот квартал од 2023 година“, се наведува во соопштението.

Вториот квартал од годинава, како што информира ресорното Министерство, стартува со вкупни приходи во износ од 71 милијарди денари што е за 5,6 проценти повеќе во однос на истиот период лани. На 2 април вкупните приходи биле на ниво од 72,1 милијарда денари или за 6,4 проценти повеќе во споредба со лани, на 3 април – 73,6 милијарди денари и на 4 април – 73,4 милијарди денари.

„Буџетот е ликвиден и редовно се сервисираат сите обврските. Приходите се собираат во согласност со планот (25 проценти од приходите во секој квартал). Финасирањето на дефицитот е обезбедено и се одвива согласно планираното со усвоениот Буџетот за 2024 година во Собранието“, велат од Министерството.