Петков го нарече Радев страшливец, а Борисов нечесен манипулант

Ни хипотетички не може да се случи денес да има одлука за Македонија, изјави бугарскиот премиерот во оставка пред влегувањето на самитот за Западен Балкан


 

Ми се допаѓа француската понуда. Мислам дека не може да има друга  таква. Парламентот мора да одлучи, а јас ќе си го одржам зборот, изјави премиерот во оставка Кирил Петков пред доаѓањето на самитот за Западен Балкан во Брисел. 

„Јас сум премиер и кога му ветувам нешто на бугарскиот народ, останувам на зборот. Се надевам дека во наредните денови Националното собрание ќе донесе одлука за ова прашање. Имаме историски момент да можеме да ги зачуваме сите наши бугарски интереси, работи за кои сме сонувале и со овој предлог да го заштитиме бугарскиот интерес долго време“, рече Петков.

На прашањето дали хипотетички може да се случи сепак денес да има одлука за Македонија, Петков категорично рече – не.

„Ни хипотетички тоа не е можно, зошто јас си држам до зборот“, рече тој упатувајќи на Народното собрание како единствена адреса од каде што треба да се чека одговор за францускиот предлог. 

Тој жестоко и директно го нападна однесувањето  на претседателот Румен Радев, а потоа и на Бојко Борисов.

„Не може претседателот две недели да не свикува Консултативен совет за национална сигурност (КСНС) и да се крие зад различни изговори. Ако си претседател како што треба свикуваш КСНС, служби, партии, седнуваме, дискутираме и излегуваме. Паднаа маските, се изморив од кукавици“, рече Петков.

Потоа му се нафрли на Борисов кој јавно тврди дека ќе го поддржи францускиот предлог, а потоа ја блокира работата на Комисијата за надворешна политика која треба да даде „амин“ за него.

„Пратениците втор ден не можат да формираат кворум, изненаден сум, но очигледно се плашат да се отвори расправа бидејќи не можат да изберат претседател на собранието“, посочи Петков.  Тој порача дека никој не треба да се обидува да го фрли жешкиот компир ставајќи го него во позиција како премиер сам да одлучува.

„Ако си нормален бивш државник, оди во комисијата и нека се донесе вистинската одлука“, му порача тој на Борисов нарекувајќи го манипулант што води двојна политика (зборува едно, а прави друго) и е најнечесната личност што го сретнал во живот.

„Оваа борбеност е типична за господинот Борисов. Ова го гледаме веќе 12 години“, подвлече Петков. Според него, темата Македонија  била магла што се спуштала цело време од опозицијата за да се урне владата и за да можат да крадат милијарди и дека сите тврдења, тези и мантри за негова слабост, за притисоци од надвор околу спорот и за подготвување предавство  служеле за таа цел.