Петков бара уставни гаранции за правата на Бугарите 


Поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, изразува премиерот на Бугарија Кирил Петков во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, но додава дека потребно е, прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија со гаранции во Уставот.

„Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“, рече бугарскиот премиер.

Говорејќи за енергетската соработка со Грција, во интервјуто за грчкиот весник, Петков вели дека по последните случувања „потребна е поголема диверзификација на енергетските извори“ и на тоа тесно работат со грчката Влада, а целта, како што рече е, „да се зајакнат енергетските поврзувања на двете земји преку гасоводот IGΒ, за Бугарија да има пристап до гасот од Азербејџан, но и до резервите на течен природен гас LNG во Александруполи“.

Во однос на перспективата за билатерален договор за снабдување со нуклеарна енергија од Бугарија за Грција, бугарскиот премиер објаснува дека на Грција ѝ е потребна поевтина струја, а Бугарија има нуклеарна енергија, па така двете земји можат да работат заедно „градејќи долгорочни односи преку создавањето нуклеарна централа, со взаемна корист, во област која е значајна алтернатива за недостигот на енергија во нашиот регион“. (МИА)