Пет финалисти за наградата „Драги“ за 2026 година


Пет финалисти се избрани за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик за 2026 година, во третиот и последен круг на селекција од жири-комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Владимир Цветкоски (член) и Јана Михајловска (член).

Организаторите на конкурсот за наградата соопштија дека препевите се авторско дело на пет искусни преведувачи и се направени од три различни светски јазици (англиски, холандски, кинески: Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024;  Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026;  Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026; Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 и Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026.

Добитникот на наградата „Драги“ за 2026 година ќе биде соопштен на денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на Драги Михајловски, 16 октомври од 12 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

На настанот ќе му биде доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска. Како што беше соопштено претходно, со одлуката на жирито, интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело напишано во оригинал на македонски јазик му се доделува на Павловски за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавена од издавачка куќа „ТИМ прес“ од Загреб.

Годинашното доделување на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам  и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

-За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од девет издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори, а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно беа опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се пополни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих, се наведува во соопштението. 

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше востановена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, како и на сите што се занимаваат со науката за превод.