Песните ги избирам со срце: Интервју со Калиопи, поп-ѕвезда

Моето парче грутка си го носев со себе, дома се враќав да соберам сила по напорните патешествија и само мечтаев кога ќе и приредам радост на мојата Македонија, вели Калиопи за „Независен“


Фото: Ани и Дими

„Песните се секогаш одраз на некаква моја (наша) состојба. Во своите текстови мора да содржат длабоки пораки, без оглед на тоа за каква тематика се работи.  Но пред сѐ, дали се работи за балада или песна со брз ритам, тие мора да разбудат радост во мене кога ќе ги чујам, радост дека мене ми припаднала да ја споделам со другите. Затоа им се верува на моите песни“, вели во интервјуто за „Независен“, поп-дивата Калиопи која на сцената се враќа со албум со нови песни и спотови кои наидоа на одличен прием кај публиката.

За тајната на нејзиниот успех, за претстојните концерти на Хераклеа, во Охрид и во Скопје, за љубовта и пријателствата, во продолжение на интервјуто. 

Фото: Ани и Дими

На радост на фановите, снимивте нов албум „Албум“. Колку сте задоволни од новите песни и дали очекувате тие да бидат прифатени како старите хитови, дури и да ги надминат?

– Радоста е наша. Навистина сме пресреќни што албумот наиде на таков извонреден прием кај публиката и тоа за многу кратко време. Луѓето си го ислушаа албумот, си го засакаа и секоја од песните си го најде својот пат и некако не е ни важно дали некоја од нив ќе надмине друга, туку многу поважно е, каков траг ќе остават низ времето…

 

Како искусен музичар дома и во регионот, со хитови кои ја ставаат Македонија на музички пиедестал, која е и беше тајната на вашиот успех ?

– Доследноста, истрајноста, но пред сѐ силната желба да се биде она во што најмногу верувам и го сакам, направија да истраам во сите предизвици и искушенија. Но, секако, значаен дел, ако не и пресуден, се луѓето со кои ја делиш таа желба, оние кои те препознаваат, те следат и кои со својата умешност и мудрост помагаат да се надградуваш и растеш во секој смисол. Таков еден е Ромео, од нашиот музички почеток, па сѐ до денес. Тоа јас го нарекувам “фактор среќа” или, судбина.

 

Како ги избирате композициите и екипата?

– Со срце! Никако поинаку. Затоа и немам погрешено никогаш. Песните се секогаш одраз на некаква моја (наша) состојба. Во своите текстови мора да содржат длабоки пораки, без оглед на тоа за каква тематика се работи.  Но пред сѐ, дали се работи за балада или песна со брз ритам, тие мора да разбудат радост во мене кога ќе ги чујам, радост дека мене ми припаднала да ја споделам со другите. Затоа им се верува на моите песни. 

Фото; Ани и Дими

Имате ли ваша омилена песна?

– На овој албум е многу тешко да се издвои омилената, бидејќи сите ми се подеднакво важни и посебни. Но, мислам дека песните “Казна”, “Зашто” и “Дај ми комад душе” се песни  кои ќе станат евергрини . И секако, благодарение на медиумите и радијата пред сѐ, песните се нон стоп во етерот, па ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите.

 

Ретко снимате дуети. Како се случи дуетот со Жељко Самарџиќ?

– Како што споменав, соработниците си ги избира срцето. До дуетот дојдовме спонтано, повеќе беше желба да си го крунисаме долгогодишното пријателство и да ги вскрстиме гласовите…Без Ромео секако тоа не ќе беше можно, бидејќи ние сме како музичари, стилски и гласовно многу различни, но припаѓаме на иста сорта луѓе, на оние кои не се плашат да сакаат. 

Изминативе години повеќе бевте присутна во регионот отколку дома. Зошто?

– Така требало да биде…така ме носел патот …Јас сум некој кој ги следи патоказите, знаците…Не одам против природата… Научив да бидам трпелива и оставив интуицијата да ми го покаже тајмингот за вистинските нешта. Моето парче грутка си го носев со себе, дома се враќав да соберам сила по напорните патешествија и само мечтаев кога ќе и приредам радост на мојата Македонија. Единствено посакував тоа нешто да биде големо и убаво. Затоа одлучивме со Ромео, 40 годишниот јубилеј од нашата соработка да го крунисаме со нов албум и концерти кои публиката долго ќе ги памети.

 

Најавивте македонска музичка офанзива летово и наесен, и концерти на Хераклеа, Охрид и во Скопје. Дали ќе имаат ист репертоар и специјални гости?

– Многу им се радувам на концертите тие од секогаш биле најпосебниот момент за мене на споделување со публиката…Наскоро, на 20 јули е првиот концерт, во Битола, во Хераклеа. Потоа на 2 август е концертот во Античкиот театар во Охрид, а на 19 октомври ќе се сретнеме во Скопје, во арената “Борис Трајковски”. Исто така паралелно се подготвува и голема регионална турнеја. Репертоарот и гостите се секогаш изненадување на моите концерти. Она што сум сигурна е дека лудо ќе се забавуваме!

 

Зад себе имате два брака и сопрузи кои несебично ви помагаа(т) во вашата кариера. Како со Ромео и Васил успеавте да останете пријатели?

– До нас е. Сами си се избравме, сами си се разделивме и сами решивме да продолжиме да се сакаме, преименувајќи ја љубовта. Тоа што не сме успеале да го одржиме бракот, за мене не е причина да не се одржи пријателството. Среќна сум што ги имам во мојот живот.

 

Направивте моден излет и како заштитно лице на брендот за италијански накит „Ребека“(дел од ребрендираната продавница Chapter03). Како се снајдовте во таа нова улога со оглед дека сте минималист во однос на накитот?

– Да, позната сум како минималист во однос на накитот и ретко кога може да ме возбуди парче накит. Но, со “Ребека” и Chapter03, е многу  поинаку. Јас отсекогаш сум се врзувала за идејата, за луѓето и за можноста некаде да препознаам нешта блиску до мојот вкус и сензибилитет. Јас сум повеќе амбасадор, отколку заштитно лице на овој прекрасен бренд. Бидејќи јас не го презентирам неговиот изглед, туку пред сѐ радоста и самодовербата која овој накит го предизвикува кога жените го носат.

Фото; Ани и Дими

Колку ви е важен изгледот и стилот на облекување како поп-дива? Дали мислењето ви се смени во текот на годините?

– Мојот стил го градат внатрешното чувство и доживувањето на себе си во различен наплив на состојби и емоции. Секако, музиката ми го визуелизира главниот дел од она како би сакала да се видам себе, надвор од себе.

 

Која е Калиопи приватно?

 – Не многу поразлична од онаа која ја знаете.

 

Дали вашиот круг на пријатели е ист пред славата и денес?

– Да! Оние вистинските се се уште тука. Кругот можеби доживеал надополнувања, но не и измени. Во него се моите најдобри другарки од детство, до оние кои попатно сме се нашле и препознале. Моите пријатели се моето најреално огледало.

 

Животот не ве галел секогаш. Како успевате и покрај тоа да ја задржите позитивната енергија?

– Вербата во добро отсекогаш ме чувала на здрави нозе…најважно е да се смееме, смеењето е здравје, верувајте!

 

Освен концертите кои се вашите идни планови?

– Па, плановите кај нас се случуваат и менуваат од ден во ден. Се разбира, акцентот е секогаш на музиката, но исто во план ми е и многу сакам да научам да сукам бурек! Ама онака,како големите мајстори.