Песков ги отфрли како „бесмислица“ тврдењата на британски таблоид за втор обид за труење на Навални

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги отфрли како „целосна бесмислица“ тврдењата на британскиот таблоид Сандеј Тајмс за втор обид за труење на рускиот опозиционер Алексеј Навални додека бил во кома во болница во Омск.

„Извори во германските тајни служби им соопштија на своите партнери во Велика Британија дека додека Навални бил во вештачка кома и пред тој да биде испратен со специјален авион во Берлин, Русите направиле втор обид да го отрујат“, пишува весникот.  Според Аластер Хеј, професор по хемија на Универзитетот во Лидс, труењето било неуспешно затоа што лекарите му вбризгале атропин на Навални, а тој делува како противотров на отровот „Новичок“.

Песков денеска го оквалификува текстот како крајно срамен и како „нон сенс“.

Рускиот опозиционер мина 32 дена по тешкото труење со советскиот нервен агенс Новичок, при што долго време се наоѓаше во вештачка кома.

Алексеј Навални на 20 август колабираше за време на авионски лет во Русија, од Сибир кон Москва, по што пилотите принудно слетале во Омск, каде тој бил префрлен во локалната клиника. На 22 август Навални беше пренесен во Германија, во берлинската клиника „Шарите”. Повеќе европски специјализирани лаборатории потврдија дека рускиот политичар бил отруен со меѓународно забранет нервен боев отров од групата Новичок.