Перински: Градоначалниците подготвено го дочекаа вториот јавен повик за доделување финансиска помош за општините
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/perinski-stefkovski.jpg)
Заклучно со вчера има поднесено околу 20-тина апликативни формулари за 20-тина проекти од три локални самоуправи на вториот повик за доделување финансиска помош за општините за реализација на инфраструктурни проекти, информира министерот за локална самоуправа Златко Перински кој денеска заедно со неговиот заменик Ерџан Селим е во посета на Општина Гази Баба како дел од караванот „Каде што срцето е дома“.
-Тоа е добро зашто локалните самоуправи мора да пополнат апликативни формулари и да ја досредат целата документација за да аплицираат. Само во првиот ден добивме 20-тина апликации што навистина е добро и покажува дека градоначалниците подготвено го дочекаа вториот јавен повик, посочи Перински во одговор на новинарско прашање и додаде дека искуството од првиот повик ќе им помогне на општините сега правилно да аплицираат и да немаат проблеми како што имаа дел од нив на првиот јавен повик.
Оцени дека денеска во Општина Гази Баба ќе имаат исклучително битни средби во насока на подобрување на легислативата која се однесува на локално и на централно ниво, но, додаде, ќе имаме можност и да разговараме со креаторите на локалните политики како што се советниците и градоначалникот.
-Од исклучителна важност ни се ваквите посети за да можеме да креираме и превенираме мерки кои се во интерес на граѓаните и на локалниот развој. Општина Гази Баба за нас е многу битна заради тоа што две третини од нејзината површина е рурална, а ние се стремиме кон рамномерен регионален развој, изјави Перински пред средбите со советниците и градоначалникот на Општина Гази Баба.
Нагласи дека Општина Гази Баба е одличен пример како треба да се инвестира во рурален дел, но и во урбан дел.
-Посетата ќе ја искористиме и да разговараме за претстојната измена на Законот за локална самоуправа. Очекувам плодна дебата и се надевам дека во иднина ќе ги подобриме сите законски решенија со цел да креираме подобра средина за живот, рече Перински.
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски посочи дека локалната самоуправа подготвена го дочека вториот повик за финансиска поддршка од страна на Владата за реализација на инфраструктурни проекти во општините.
-Во текот на вчерашниот ден до Министерството за локална самоуправа доставивме 12 проекти со целокупната документација за нивна реализација. Сметам дека проектот за финансиска поддршка на општините е особено важен за брз развој на општините со особен акцент на регионален рамномерен развој, бидејќи преку него ќе се решат децениските проблеми со кои се соочуваат, изјави Стефковски.
Тоа, како што кажа, особено се однесува за Општина Гази Баба чиј поголем дел од нејзината територија е рурален.
-Убеден сум дека преку овој проект ќе ги решиме сите проблеми кои ги имаат граѓаните а се однесуваат на комунална и патна инфраструктура, рече Стефковски.
Нагласи дека општината на првиот повик аплицирала со четири проекти – изградба на нова детска градинка во Инџиково, реконструкција на Домот за култура „11 Октомври“ во Ченто, изградба на новопроектирана улица на потегот меѓу Керамидница и Маџари, и изградба на нова спортска сала во Црешево.
-Дел од овие проекти веќе се во фаза на реализација, а во текот на вчерашниот ден аплициравме со 12 проекти – изградба на уште една нова детска градинка на потегот помеѓу Керамидница и Маџари, доградба на ОУ „Крум Тошев“ во Трубарево, изградба на фекална канализација во Јурумлери, изградба на фекална канализација во Идризово и Дрма и реконструкција на повеќе улици како што е „Париска комуна“, „Палмиро Тољати“, „519“, „Жан Жорес“,…, прецизира Стефковски.