Перфидно загрозување на европската агенда – Ковачевски за претепувањето во Охрид

Според премиерот, инцидентот со охриѓанецот Пендиков не е случаен. И дека тој е насочен да се скршне од европската агенда на земјата


 

Претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид не е случајно, туку тоа е начин како да се одвлече вниманието од нашата европшска идинина. „И тоа на перфиден начин“ –  вака премиерот Димитар Ковачевски ја оцени големата бура што настана во државава и во односите меѓу македонија и Бугарија по насилството врз Христијан Пендиков.

Ковачевски беше подготвен да зборува за ова прашање при денешната посета на компанијата „Метро“ и неговиот одговор на прашањата на новинарите беше општирен и со детална политичка порака – дека претепувањето не било случајно и дека има некаква подземна агенда.

„Јасно ми е дека има тензија и има многу прашања кои се легитимни во однос на случувањата кои беа минатиот викенд, но и во текот на изминатиот период. Во однос на инцидентот задоволен сум што институциите реагираа брзо и што МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно, а верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по него, согласно пријавите, ќе постапува и Основното јавно обвинителство“, рече Ковачевски.

Тој рече дека никогаш не оправдува насилство од каков било вид и дека секогаш го осудува. Но и дека ги осудува сите провокации одвнатре или однадвор кои ги повредуваат чувствата на Македонците и внесуваат немир меѓу граѓаните. За него такви провокации се недозволиви.

Ковачевски директно кажа дека настанот во Охрид е обид за грубо изместување на прашањата на европската иднина на Македонија, а не инцидент на навивачки групи на спортски клубови.

„Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации, затоа што ова не е натпревар кога играат ‘Пелистер’ и ‘Вардар’ или кога меѓу себе играат ‘МЗТ’ и ‘Работнички’, ова е нашата иднина за што ние денес зборуваме“, нагласи Ковачевски.

Навраќајќи се на разговорите минатото лето со ЕУ околу преговарачката рамка која треба да ѝ го отвори патот на Македонија кон европската иднина Ковачевски рече дека нема да дозволи тоа некој да го загрози или да ја „киднапира нашата меѓународна и европска политика“.

„ Нема да дозволам да се одвоиме од ЕУ патот на државата и затоа ќе инсистирам овој проблем да се реши на најбрз можен начин. Ние треба да продолжиме на патот во ЕУ. Може да поставиме уште 100 прашања со детали за ова, но најважно е што тие што ги иницирале настаните од минатата недела и оние кои претходеа, не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ“, рече тој.

Потоа ја повика опозицијата да се „преиспита“, осбено по информациите објавени во јавноста дека и тепачот и тепаниот биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а Пендиков учествувал на некои од најголемите протести како многу активен.

„Треба и опозицијата да се преиспита, бидејќи гледавме дека вчера во медиумите имаше многу информации и написи дека нивни членови и симпатизери се спомнуваат дека се поврзани со настаните од минатиот викенд и настаните од пред тоа. Затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициска партија сѐ повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Постојат два концепти. Едниот концепт е концептот за европска Македонија, вториот концепт е концепт на бесмислен национализам, којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер. Нам не ни треба тоа што тие ни го продаваат. “, оцени премиерот.

Тој ја коментираше и изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, за некакво „враќање на црни традиции на насилство кои историски се поврзани со Македонија“. Милков тоа го кажа во присуство на неговиот македонски колега Бујар Османи. Ковачевски рече одговор да се побара од бугарскиот министер.

„На кои времиња точно мисли, ќе мора да даде самиот министер за надворешни работи на Бугарија, бидејќи во нашата држава на врвно ниво е издигнато владеењето на правото, демократијата и при секој немил настан институциите реагираат“, изјави Ковачевски. (Н.В.)