Пензионерите на протест пред влада, бараат оставки од Ковачевски и Тренчевска


Протест на пензионерите пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

Со транспаренти и пречкртани фотографии од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика,  Јованска Тренчевска, пензионерите од сите градови на Македонија, денеска протестираат пред Владата за повисоки пензии.

Тие бараат и оставки од премиерот и министерката, но не се задоволни од 6 отсто зголемување на пензиите, туку бараат линеарно зголемување од 3.500 денари за секој пензиор. 

Преку транспарентите обвинуваат дека во државата се приватизирало по терк на политичарите, а тие останале со ниски примања, откако завршил нивниот работен век.

„Ако има за вас, треба да има и за нас“, вели една од пораките кои ги носат пензионерите в раце, напишани читко, со речиси технички букви, за сите да разберат. Оваа порака се однесува на неодамнешното зголемување на платите на избраните и именувани лица и на функционерите, за кое Уставниот суд одлучи дека треба да биде 78 отсто. 

Протест на пензионерите пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

Нивните барања, кои секојдневно ги повторуваа на помали протести од своите градови се  линеарно покачување од 3.500 денари за секој пензионер и промена на методологијага за понатамошна пресметка на пензијата.

Велат ќе побараат одговор од владата зошто во изминатиов период минималната плата пораснала 2,5 пати повеќе од пензијата, како и решавање на проблемот со пензионерите кои работеле во поранешните загубари, чиј стаж не е евидентиран и сега поради тоа земаат пониски пензии.

Министерката за труд и социјална политика Тренчевска, неколкупати повторува дека линеарно зголемување на пензиите не е можно, а не е ни фер, затоа што дел од пензионерите имаат повеќегодишен стаж и над 30 години, а некои едвај 15. 

Сепак, пензионерите забележуваат дека извесен период, стажот не им се бележел, а некои од вработените често работеле 10-12 часа дневно, а биле евидентирани и плаќани за 8 или за 6 работни часа.