Пензиите од 1 март ќе се зголемат за околу пет отсто
Зголемувањето на пензиите е во согласност со новата методологија и се прави двапати годишно, во март и во септември
Направена е пресметката за усогласувањето на пензиите, со кое ќе има статистичко покачување за пет проценти, информира денеска министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски. Тој не сакаше тоа да го нарече зголемување, туку „статистичко дополнување“.
На новинарско прашање, Велковски рече дека податоците покажуваат пет проценти на, како што наведе, условно кажано, покачувањето на пензиите.
„Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Јас тоа не би го кажал зголемување, бидејќи пет проценти колку што покажуваат бројките на условно кажано покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени на 1 во петок. Така што, ова статистичко покачување од пет проценти е во моментов што пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии“, изјави Велковски, по учество на РЕДИ Самитот 2024 во Скопје.
Во согласност со новата методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.
Велковски оцени предлогот на СДСМ за замрзнување на покачувањето на платите на функционерите, ќе имал минорни ефекти.
„Направено е прекршување на самото усогласување кое што требало да започне многу порано, не наеднаш кога се случија тие 78 проценти, така што некој којшто прави само ад хок решенија се случува тоа што се случи пред една година. Сега е минорно што тие прават измена, односно го замрзнуваат делот на покачување на сегашните плати“, изјави Велковски.
Како што дополни, откако е тој министер на седница на Владата не се дискутирао за намалување на платите на функционерите.
„Не, на седниците што сум бил лично присутен нема точки во делот на професионална политика не знам од кои причини. Претпоставувам дека така работеле претходните министри. На тие седници кај што сум бил јас присутен немало дискусија“, рече Велковски.
При контролите за вакцинацијата во градинките поради епидемијата со голема кашлица, како што информираше, не се констатирани прекршоци.
„Инспекторите се на терен, ние сме во постојана координација и се надевам дека ќе придонесеме да не се рашири повеќе оваа болест“, изјави техничкиот министер за труд и социјална политика.