Пенов го нарече протестот на Ленин „самоволие“ насочено против граѓаните


Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов ги повика организаторите на протестот со автобусите  во Скопје  гневот да го насочат кон тие што го креирале проблемот, а не против граѓаните. Самиот тој едвај излегол од Скопје поради блокадите кои најдиректно ги нарече самоволие. Ова е веќе втор ден како Пенов гласно реагира на протестот на автобусџиите и најавува можни мерки, на што тие реплицираа дека може да се обиде да ги отстрани и со тенкови, но пак ќе останат на улиците. 

„Не можам да кажам кои мерки ќе ги преземеме, но ја следиме  ситуацијата која е непријатна. Преголема штета трпат граѓаните заради, можам да кажам, некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Ние, одејќи накај Струмица, едвај излеговме од Скопје. Непотребно. Тој протест треба да биде насочен кон тие што го креираат или тие што мислат дека им го креираат проблемот. Вака, штетата ја плаќаат граѓаните, секој по половина час најмалку во денот вози повеќе, троши гориво, се губат работни часови, бизниси, што е огромна штета за граѓаните“, изјави Пенов денеска од Струмица.

„Протестот на приватните превозници е законски и е најавен, доколку Ристо Пенов смета дека има нешто што е погрешно во целиот случај и дека може нешто да стори за да престане протестот, тогаш нека го направи тоа. Може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите“, изјави директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски како реакција на синоќешната изјава на Пенов дека Владата има инструменти и насилно да ги прекине блокадите.

Но, ако мотивира насилство во Македонија како демократска држава каде што протестите се и уставно загарантирано право, тогаш од тоа треба да бидат загрижени многу фактори во и надвор државава“, рече за МИА лидерот на превозниците Ленин Јовановски.

Министерот Пенов синоќа за ТВ Сител изјави дека Владата може, доколку е потребно, и насилно да ги тргна автобусите од блокираните крстосници.

„Се анализира состојбата. Да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата да презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот,” рече Пенов според кого во Советот на Град Скопје влијание врз мнозинството има ВМРО-ДПМНЕ и дека таа партија може, ако сака, на градоначалничката Данела Арсовска да ѝ наметне решение на проблемот.

Приватните автобуски превозници на „Слобода превоз” и „Мак експрес” веќе втор ден оваа недела протестираат со блокади на три важни сообраќајни точки во Скопје. Тие очекуваат решение за нивните барања, односно да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив.