Пендаровски за Бугарија: Брзањето не е секогаш сојузник
Во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите, рече Пендаровски во годишното обраќање. Тој вели дека е потребен внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти

Претседателот Стево Пендаровски смета дека во решавањето на спорот со Бугарија не треба да се брза, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, нагласува Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.
Тој нагласи и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус-кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.
„Откако нашиот пат кон ЕУ унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Бугарските тврдења
Тој нагласува дека од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, според него, се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.
„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.
Според него, од новата Влада во Бугарија и од претседателот кој има нов мандат се испраќаат и поинаку интонирани пораки.
„Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за Коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на Коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси“, вели претседателот Пендаровски.
Тој се осврна и на тезата, повразна со, како што рече, блокадата на европските интеграции, а се однесува на тоа е дека пролонгираната состојба на статус-кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.
„Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите. Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока“, рече претседателот Пендаровски.
Тој порача дека граѓаните можат да бидат спокојни, и нагласи дека и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.
„Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та нѐ учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир“, рече претседателот Пендаровски.
Преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ, смета претседателот Пендаровски, го фрлиле во втор план, она што е суштина во меѓународните односи, процесите на градење на добри билатерални односи, пред се, како што рече, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности.
„Оттука, во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание.
Претседателот се осврна и на состојбата во регионот притоа нагласувајќи дека поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионални играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности, кои, како што рече, не се компатибилни со евро-атлантските. Од овие причини, нагласи, паѓа и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите, што како што истакна е најизразено во Северна Македонија.
„Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку, сите држави на западниот Балкан повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми. Наспроти фактот дека просперитетот на државите од еден ист регион е меѓузависен, сепак, нашата иднина во најголем дел зависи од одлуките што ги носиме тука, во нашите национални институции. Критичен предуслов за вистинска одлука е внимателно да следиме што се случува околу нас и во меѓународните центри на моќ и да реагираме разумно и на време“, рече Пендаровски.
Популистите и транцизијата
Според него, првата можност пред нас е истоштени од долгата транзиција и очигледните неправди кон нас како народ, да поверуваме дека националистите и популистите знаат повеќе од сите други и имаат инстантни решенија за клучните проблеми, иако е познато дека ама баш никаде во светот не придонеле за среќата на луѓето и просперитетот на народите.
Втората можност, нагласи тој, е да им дадеме поддршка во работата на скромните, разумни и некорумпирани поединци на национално и на локално ниво, кои знаат да го обединат потенцијалот на граѓаните и кои ги преферираат нивните доблести, знаења и човечки интегритет, а не само партиската и етничка припадност.
„Два месеци потрошивме на локалните избори, уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство. Очекувам новата влада час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза која допрва ќе се продлабочува“, нагласи Пендаровски.
Според него, во ЕУ членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен. Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.
„Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот“, рече Пендаровски.