Пендаровски: Високо ја цениме ратификацијата на Протоколот за НАТО и романската поддршка за ЕУ


Северна Македонија високо ја цени ратификацијата на Протоколот за нашето пристапување во НАТО, како и цврстата поддршка на Романија како актуелен претседавач со Советот на Европската унија, за отпочнување на пристапните преговори, истакнал претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со романскиот амбасадор Виорел Станила.

Претседателот, како што се наведува, истакна дека Република Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ, која во изминатиов период активно работеше на исполнувањето на европските критериуми во контекст на добрососедските односи и на реформската агенда, очекува одлука за добивање датум за почеток на пристапните преговори.

Амбасадорот Станила на претседателот Пендаровски му го честиташе стапувањето на функцијата и му посака успех во работата, додавајќи дека Романија стои на располагање за соработката во областа на европските интеграции.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за севкупните односи меѓу Северна Македонија и Романија и биле разменети мислења за иднината на регионот во контекст на евроатлантската интеграција.

Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашните билатерални релации меѓу двете држави и се заложија за унапредување на правната рамка како и за нови иницијативи за развивање на севкупната соработка, особено во областа на економијата и трговската размена, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.