Пендаровски се консултира со експерти дали да го потпише Законот за попис


Претседателот Стево Пендаровски најпрвин ќе се консултира со правни експерти, па потоа ќе го потпише Законот за попис, велат од кабинетот на претседателот. Од таму додаваат дека ставот на претседателот ќе биде соопштен деновиве.

„Претседателот Пендаровски ќе изврши консултации со правни експерти за донесениот Закон за пописот и во наредните неколку денови ќе го соопшти својот став“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат претседателот на државата да не го потпишува законот.

„Претседателот Пендаровски примарно најдобро да се консултира со експерти од оваа област. Доколку се консултира со вистински и објективни експерти по ова прашање верувам дека ќе го упатат кон тоа дека не е овој закон правилниот начин за спроведување на попис. Ќе повторам попис треба, попис треба час поскоро. Но, попис треба земајќи ги предвид современите алатки кои што ги имаме во 21 век. Треба електронски попис на Македонија, а Македонија има капацитет тоа да го направи и притоа нема никој да се сомнева во конечните статистики кои што ќе произлезат од него“, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.