Пендаровски прогласи вонредна состојба


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски на вонредно обраќање попладнево рече дека предмалку ја потпишал одлуката за распишување вонредна состојба во следните 30 дена на целата територија на државата.

Оваа мерка следува како заштита од ширење на Ковид-19.

Претседателот Пендаровски ја донесе оваа одлука по предлог на Владата, со оглед на фактот што Собранието е распуштено. Пендаровски од спикерот Талат Џафери ја добил владината одлука, која претседателот ја потпишал.

Ова е прв пат во државата да се прогласи вонредна состојба со што сите надлежности за функционирање на државата се во рацете на извршната власт.

За периодот од 30 дена Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да го информира за преземените активности и за ажурираните планови за постапување во иднина.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка.

– Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика, истакна Пендаровски во вонредното обраќање.

На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор.

Воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.