Пендаровски остро го осуди каменувањето на македонскиот клуб, бара да се најдат виновниците

Претседателот ја оквалификува изјавата на европратеникот Александар Јорданов (ГЕРБ) како „најостра форма на говор на омраза, која е без преседан“


Фото: Б. Грданоски

 

Еден ден откако некој со камен ја скрши влезната врата на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград претседателот Стево Пендаровски излезе со остра осуда, велејќи дека тоа не се европски вредности. Тој побара бугарските власти да ги пронајдат и да ги казнат виновниците.

Во реакција на Фејсбук Пендаровски напиша:

„Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград, Бугарија. Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин.

Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Бугарија предводени од пратеници во нивниот парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции.

На припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали“.

Пендаровски ја оквалификува како „говор на омраза и отсуство на елементарна кулутура“ објавата на европаретеникот и поранешен бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов. „Изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот парламент, Александар Јорданов, содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот парламент. Во овој случај не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие. За ваквите негаторски испади очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија“, пишува Пендаровски.

Јорданов, кој е европратеник од редовите на ГЕРБ, вчера по случувањата на Деве Баир напиша на Фејсбук текст полн со навреди за Македонците и се закани дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ.

„Уште еднаш стана јасно дека национален револуционер како Бугаринот Георги Делчев нема ништо заедничко со денешните Македонци кои се копи пејст на најодвратните комунисти од југословенската ера.

Мора да се стави крај на нивната десетгодишна непријателска политика кон Бугарија. Го слушнав и лидерот на опозицијата во оваа земја Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој активно работи против својата држава во интерес на соседна Србија. А најверојатно и Русија. Денеска не повика нас, Бугарите, да гледаме кон иднината, кон 21 и 22 век. Веднаш му одговарам: зошто сакајќи да погледнеме во иднината, центарот на Скопје го изградивте со антички градби? Зошто го лажиравте дури и урбаниот архитектонски простор?

Нема иднина за такви комунистички фосили како вас – титоисти, црвено ѓубре, југословенски опсесивци. Ќе висите пред портите на Европа многу долго. Ќе клечете пред нив… за историската вистина дека сте срамни наследници на достојните македонски Бугари. Дека сте се преродиле од вашиот бугарски народ. Долго ќе чекате за европско членство бидејќи вашето однесување е на Србите. И затоа што не сте достојни да го носите името Македонци… Бидејќи во таа географска област, каде што денес е независната држава Северна Македонија живеел и сѐ уште живее бугарски народ“, пишува Јорданов.