Пендаровски му заблагодари на Ескобар за поддршката од САД


Претседателот Стево Пендаровски и заменик-помошник државен секретар на САД утринава разговараа за односите меѓу двете земји, македонските аспирации за ЕУ, членството во НАТО и силната поддршка на Вашингтон на нашата земја. Сепак, во соопштението од кабинетот на Пендаровски нема ништо за можностите за кревање на блокадата на Бугарија.

Во соопштението се вели дека „претседателот Пендаровски ја истакна важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на нашата држава, од прогласувањето на независноста до денес.

Во однос на аспирациите за членство во Европската унија, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот-помошник државен секретар Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ“.

Пендаровски ја истакнал посветеноста на Македонија, како најнова членка на НАТО, да придонесе за колективната безбедност и се заблагодарил на поканата за учество на виртуелниот Самит за демократија, во организација на претседателот на САД, Џо Бајден, што ќе се одржи на 9 и 10 декември 2021 година.