Пендаровски и првата дама Ѓорѓиевска на средба со претставниците од „Дневен центар Доза среќа“


Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска остварија средба со членовите на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа“.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, членовите на „Дневен центар Доза среќа“ ги запознаа претседателот и неговата сопруга со актуелните активности на ова здружение, во насока на унапредување на квалитетот на живот и остварување на правата на лицата со Даунов синдром.

 

Исто така, членовите на здружението го запознаа претседателот и со предизвиците со кои се соочуваат во нивното секојдневие.

Претседателот Пендаровски и неговата сопруга им честитале на членовите за постигнатите успеси на светските натпревари за млади иноватори и на натпреварот за наука, животна средина и инженерство, од каде се вратија со три златни и еден сребрен медал, како и со специјална награда на жирито, а им посакаа нови успеси на претстојниот светски натпревар што ќе се одржи во август во Канада.

Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа“ работи на подигнување на јавната свест за остварување на основните права на лицата со Даунов синдром, овозможување на соодветни услови за рана интервенција, рехабилитација и инклузија за секое дете со Даунов синдром преку информирање за мрежата ширум земјава.