Пендаровски: ЕУ е одговорна за блокадата на преговорите, не ние


Претседателот Стево Пендаровски изјави дека раководството на Европската унија и европските партнери се одговорни за големото одложување на процесот на интеграција на Македонија и Турција, кои со години имаат статус на кандидати.

Во интервју за турската агенција Анадолија, Пендаровски ги стави Македонија и Турција заедно како кандидати кои чекаат 16 години за придвиќување на процесот на преговори. „За жал, европските приказни за обете земји не се успешни. Никој не е виновен, би сакал да барам вина од нас, но не можам да избегнам да зборувам за голата вистина. Нашите европски партнери и Брисел се одговорни за тоа“, вели Пендаровски.

Турција започна преговори за полноправно членство во ЕУ во 2005 година и досега не се направени позначајни чекори кон таа цел. Македонија чека во процесот на интеграција во ЕУ од 2005 година.

„Сѐ уште го чекаме почетокот. Чекаме почеток на преговори, а не за влез во ЕУ. Заедно со долгогодишните несогласувања што ги имаме со соседна Грција, друг проблем се блокадите што доаѓаат од нашиот источен сосед Бугарија“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека, спротивно на традицијата на интегративните процеси, некои историски теми постојано се ставаат на маса.

„Се обидуваме да ги надминеме блокадите на некој начин и да го започнеме процесот на преговори што е можно поскоро. Во овој контекст, можеме само да изразиме надеж. Нашата единствена надеж е да го започнеме процесот што е можно побрзо и дека, по неговото завршување, можеме да станеме полноправна членка. Се разбира, Северна Македонија и Турција се дел од обединета Европа, не само во географска, цивилизациска, културна и економска смисла, туку и во секоја друга смисла“, нагласи Пендаровски.