Пендаровски: Бугарскиот акциски план ги содржи старите позиции на Софија


Бугарскиот одговор на Акцискиот план, што претходно до Софија го достави Северна Македонија практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори, во него нема ништо суштинско различно од досегашните нивни позиции, вели претседателот на Република Северна Македонија во интервју за МИА.

Со претседателот меѓудругото разговаравме за содржината на она што Бугарија ни го испорача преку специјалниот пратеник Владо Бучковски, и дали конечно истиот ќе го види јавноста, дали тоа е навистина анекс, а тој појаснува дека во никој случај не станува збор за нов договор, додаток на договор, протокол, анекс.

„Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции, можеби некои фрази тука и таму“, вели Пендаровски, со кој се согласивме дека Комисијата излезе од својот мандат дека се е излезено и од параметрите на Договорот во целина, не само надвор од параметрите на Комисијата, мандатот на Комисијата, подвлекувајќи уште еднаш дека идентитските прашања за нас не се тема

Тој откри дека најверојатно следната недела за сето ова ќе се разговара на собраниската комисија за европски прашања или за надворешна политика, дека за тоа Владата донела одлука, но не знаеше да каже дали информирањето на пратениците за последните случувања на реалција Скопје-Софија ќе биде отворено за јавноста.

За говорот за омраза кај нас, но и во Бугарија, Пендаровски во интервјуто напомена дека тој не може да тврди дека тука нема говор на омраза, како што и тие не можат да тврдат дека од Софија кон нас не доаѓаат јасни и чисти дисквалификации и класичен говор на омраза.

„Кога ти мене не ми го признаваш правото на самоидентификација и кога велиш дека јас не сум тоа што самиот се идентификувам дека сум, значи тоа е дисквалификација од највисок вид“, вели тој и додава дека земјава реагира на таквите инциденти, кои доаѓаат од ниво на државни функционери. Но смета дека не треба да се оди во насока државата да санкционира илјадници, илјадници свои граѓани за објавите на социјалните медиуми. „Конечно, тоа е демократија. Има право секој кој е засегнат да тужи“, нагласува претседателот.

Пендаровски се осврна и на реветингот кој по налог на НАТО се спроведува врз македонските армиски и безбедносни структури, но и врз носителите на јавни функции. Тој прв ја минал порверката, дека досега половина од околу 150 лица од највисоките политички, разузнавачки и одбранбени ешалони кои се ставени на проверка минале позитивно, а само двајца негативно, од кои едниот е нашиот кандидат за воен преставник во Алијансата. Се проверуваат не само безбедносните, но и коруптивните аспекти на личноста. 

Шефот на државата говори и за  институционалните демократски капацитети на земјава,  за системските слабости, за политичките мешетарења, скриени агенди, за заробените институции, за можностите во ЕУ без ЕУ 

Пендаровски вели дека без Европа нема да пропаднеме, ама ќе продолжиме да напредуваме со темпо на полжав или на желка. Потсетува дека не можеме од сабајле до вечер да мислиме само за бркање профит и делење дивиденди на крајот на годината, туку дека битни се и човековите права и медиумски слободи. 

Деновиве специјалниот претставник на Република Северна Македонија, Владо Бучковски, се врати од Софија. Му испорачаа ново „пакетче“, знаете ли што содржи тоа?

– Да. Станува збор за, во јавноста колку гледам, барем во еден доминантен дел од јавноста, дебата што е испровоцирана од политичката опозиција на што апсолутно има право, која вели дека станува збор за некаков анекс или протокол на Договорот што го имаме од 2017 година, а не за она за што навистина станува збор. Станува збор за акциски план, кој ние го понудивме во наредниот период и на кој тие сега одговараат и во тој акциски план понуден од наша страна нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези, јазик, нација итн.

По декемвриското де факто вето од Бугарија ние понудивме сет мерки што би требало да ја „олабават“ да речам така атмосферата во наредниве месеци, бидејќи знаете дека Бугарија има предвремени парламентарни избори, веројатно март или април. И во тој предизборен период е многу тешко вие со „ладна“ глава, зборувам пред сè за колегите од Софија, да влезете во расправа за прашања за кои претходно и во период во кој немавме избори пред нас не можевме да се договориме од познати причини.

Во овој момент ние разговараме за да ги наречам не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем. Главниот проблем го знаете – инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски. Ние, се разбира, на тоа ниту некогаш сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина, меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме во јануари, февруари, март тоа да го направиме.

Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн.

Ќе излезе ли нешто од ова во јавноста?

– Она што го знам како последна информација е дека најверојатно следната недела на собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика двајцата во оваа смисла надлежни министри, значи Димитров за евроинтеграции и Османи…

Тоа го бараше претседателот на Комисијата за надворешна политика, Милошоски

– Го бараше, меѓутоа мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Нема причина зошто да не се случи. Тоа е нивна практично и тековна обврска одвреме-навреме да ги информираат законодавниот дом и пратениците. Значи, ќе има таква сесија, на која сигурно ќе се разговара и за најновиот развој на настаните во таа смисла, во смисла на документи…

Отворена  затворена за јавност?

– Не сум сигурен. Тоа треба да биде одлука на членовите на Комисијата. Не сум сигурен, да не ве лажам и мислам дека тоа ќе се решава како претходно прашање на самата седница кога ќе почне на Комисијата.

Она што вчера мислам го изјави министерката за надворешни на Бугарија, Захариева, апропо новиот испорачан документ од нивна страна дека главно содржи надминување на омразата и антибугарската политика со омраза од страна на Македонија. Каде ја гледате омразата?

– Тие преку нивниот амбасадор во Брисел во ЕУ месеци наназад лиферуваат извештаи, во кои нотираат една фрапантна бројка на наводни изјави што содржат говор на омраза. Можам да ви кажам дека уште од првите нивни такви извештаи до останатите земји членки на ЕУ таму се споменуваат бројки од 15-25 илјади, неверојатна бројка, веројатно ги бројат и оние што се објавени на социјалните мрежи. Инаку, друга логика нема. Значи, јас не тврдам, никој од кај нас некој тврди дека тука нема говор на омраза, како што и тие не можат да тврдат дека од Софија кон нас не доаѓаат јасни и чисти дисквалификации и класичен говор на омраза. Кога ти мене не ми го признаваш правото на самоидентификација и кога велиш дека јас не сум тоа што самиот се идентификувам дека сум, значи тоа е дисквалификација од највисок вид. Меѓутоа, независно од тоа колкава е бројката, факт е дека сè уште постои, јас би рекол, една елезија од минатите времиња во двете држави, кај двата народи, кај двата главни града, во двете медиумски сцени ако сакате, кои се сè уште податливи на таков тип изјави. Значи, не велам дека кај нив има повеќе или кај нас повеќе. Велам дека ги има на двете страни и се согласувам со овој пристап, кој ние практично почнавме да го применуваме, не знам таму дали воопшто има некаква мерка во таа насока. 

Можно е вие да продуцирате како држава говор на омраза и во учебниците или во едукативниот процес во различни степени. И тоа е една од задачите на Комисијата. Во рамките на Комисијата составена од историчари кога ќе дојде до тоа т.н. коригирање на учебниците од двете страни за одредени историски периоди, не зборувам сега за тој фамозен случај дека треба да се избрише дали тие се фашистички или бугарски окупатор, а тие тоа го сметаат како говор на омраза. Не зборувам за тој случај. Меѓутоа, имавме, да речеме, реакции пред многу години, веројатно јавноста не го ни знае, официјални реакции од Турција, турската држава, која сметаше дека во многу наши учебници е класичен говор на омраза ако кажете клетите Турци. Сакам да ви кажам постоеја уште тогаш, иако немаше билатерален договор во оваа смисла, сега има и официјална обврска ако постои говор на омраза во официјални документи, политички документи на државата или во официјални учебници во двете држави, тоа да се елиминира. Меѓутоа, за тоа мора да има двострана согласност од Комисијата составена од македонски и од бугарски историчари. Не може да биде еднострана одлука.

Комисијата излезе од својот мандат неспорно, меѓутоа излезе најчисто надвор од својот мандат во обидите, за жал, иницирани од другата страна да одредува етничка припадност на луѓе што починале пред 150 години. Не е тоа задача на Комисијата, ниту била, ниту ќе биде, ниту според духот и словото на Договорот. Комисијата треба да утврди кои јунаци и кои историски епохи или историски настани се битни и за вас и за нас за заеднички да ги чествуваме. Се разбира, не секои. Ако е битно за тебе, ако е битно за мене, можеме заеднички да положиме венец на споменикот на тој човек, не да одредуваме етничка припадност нечија – моја, ваша. Тоа исклучиво било и денеска и ќе остане основно човеково право. Се идентификуваш како Македонец, тоа е како денеска така и пред сто и кусур години. Значи, не можете вие наново да ја напишете историјата. Тоа е проблемот во кој западна Комисијата, практично дојде до стопирање на нејзината работа, бидејќи бугарските историчари инсистираа дека ние мора да кажеме. Замислете, на пример, цар Самуил дали бил етнички Бугарин во време кое барем едно седум века минимум пред воопшто да се формираат модерните нации.

Одговор на Софија на нашиот акциски план практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори. Значи, не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции, можеби некои фрази тука и таму и можам да ви кажам, зборувам за излегување од мандатот на Комисијата. Јас тврдам наназад неколку месеци дека е излезено комплетното однесување од таа страна, е излезено и од параметрите на Договорот во целина, не само надвор од параметрите на Комисијата, мандатот на Комисијата. Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме итн.

Како е можно во ваква ситуација, во ваков сложен момент на релациите Софија – Скопје ние да немаме амбасадор во Бугарија?

– Што се случи практично со нашиот претходен амбасадор г. Ѓорчев? Неговиот мандат заврши на 31 март минатата година и пандемијата и затворањето на границите веќе беа стартувани. Мојот став во тој период беше дека неговиот мандат би требало да биде продолжен уште за неколку месеци, меѓутоа за тоа немавме заедничка согласност со Владата и со МНР во ситуација кога многу тешко можевме тотално еден локдаун во целиот свет, па и кај нас, кога не можевме да направиме еден нормален политички процес на консултации, на одење во Парламент и на селекција на кадри и мислам дека пандемијата и завршувањето на мандатот на претходниот амбасадор е главната причина зошто тоа не се случи досега што немаме таму амбасадор. Инаку, ако земете од тој аспект ние сме покабает да кажам и во однос на некои други битни дестинации.

Ние немаме амбасадор ниту во Вашингтон

– Немаме во Вашингтон скоро две години, ако не и повеќе.

Зошто?

– Од истите причини.

Немаше пандемија пред две години…

– Координацијата меѓу мене и Владата пред година и пол за оваа група што веќе отиде, уште шест-седум треба да заминат, добија агремани, значи околу 15 или 16 амбасадори договоривме во тој период завршија со немање кандидат. Не дека имаше судир меѓу мене и Владата, меѓутоа немаше солиден кандидат за тоа место. Тоа беше главната причина. Јас се надевам дека сега независно од пандемијата што не е завршена ќе можеме во обновени разговори меѓу нас, меѓу мене и МНР и Владата да го отвориме и тоа прашање и наскоро пролетта да го затвориме.

Македонија е земја членка на НАТО и она последно сега што се случува претпроверките или ветингот или безбедносниот пристап се игра со многу бројки, толку луѓе отпаднале, олку луѓе отпаднале, толку се на скенирање…

– До овој момент можам да ви кажам грубо некои бројки, неколку збора околу статистиката затоа што слушам различни шпекулации и најголемиот број од нив не се точни. Делумно затоа што тоа е многу сензитивен процес и вистинските бројки, прецизни, а не па имиња и презимиња веројатно никогаш нема да излезат во јавност бидејќи не треба да излезат во јавност. Меѓутоа, станува збор за проверките што досега се прават за околу 150 лица од највисоките политички, разузнавачки и одбранбени ешалони и досега проверката е завршена за повеќе од половина од таа бројка – позитивно. Значи, повеќе од половина…

И вие сте на листата како врховен командант?

– Тоа малкумина веројатно го знаат. Јас бев првиот формално кажано по таа некоја нивна номенклатура, првиот што пополни прашалник и добив НАТО-сертификат, поминав што се вели уште пред неколку месеци. Над половина се поминати позитивно. До овој момент имаме само две  негативни барања, две лица се одбиени. Едниот е веќе познат во јавноста, тоа е нашиот кандидат што требаше да биде главен воен претставник во Алијансата во седиштето во НАТО и второто лице сè уште не е познато во јавноста, меѓутоа не би сакал да шпекулирам, не е од сферата на политиката. Можеби ќе има уште неколку, меѓутоа јас не очекувам дека тие ќе бидат повеќе од дузина, 10-15 максимум.

Дали тоа не наликува малку на нашата лустрација? 

– Тоа наликува, јас мислам дека го споменав во едно интервју ако не се лажам неодамна, тие проверуваат и во моето годишно обраќање во Парламент. НАТО проверува од 27 март од кога сме членка, проверува по две основи. Едната е дали имате контакти со тие ги нарекуваат малигни државни, ентитети и поединци, преведено во наш јазик дали имате некакви сознанија за тоа и тоа лице дека евентуално е блиску до некои шпионски канали или комуникации, а втората е висока корупција. Ако некој инклинира кон висока корупција може да биде лесна цел и за шпионажа. Значи, тоа се тие две главни основи, по кои тие ги проверуваат. Нè проверуваат сите нас.