Пендаровски: Белгија ќе се врати во првите 10 трговски партнери на Македонија
Белгија ја реафирмираше поддршката што и ја дава на Северна Македонија на патот кон Европската унија. Ваква порака доби претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со белгискиот премиер Александер Де Кро во пресрет на белгиското претседавање со ЕУ во првата половина на следната година.
– Претпладнево имав средба со белгискиот премиер на која ја реафимираа својата поддршка за евроинтеграциите на нашата земја особено во светло на овие најнови обврски што ги имаме пред нас во однос на промената на Уставот, рече Пендаровски во изјава за медиумите.
Белгискиот крал Фили, со кого исто така Пендаровски имаше средба, бил добро информиран за случувањата во земјата и регионот, а бил запознат и со македонско-бугарскиот спор.
– Се интересираше за нашите евроинтеграции и прилично добро беше запознаен со македонско-бугарскиот спор кој Бугарија ни го наметна во врска со нашиот идентитет, рече Пендаровски, кој попладнево ја заокружува посетата на Брисел на која во изминатите денови фокусот беше ставен на економскиот дел.
Очекувањата на претседателот се дека многу наскоро Белгија ќе се врати повторно во топ 10 трговски партнери на Северна Македонија.
– Белгија години наназад беше во топ 10 трговски партнери, но заради пандемијата изминатите две години отиде некое место подолу, но трендовите во последните квартали покажуваат дека најверојатно многу скоро ќе се врати во топ 10 трговски партнери, рече Пендаровски во изјава за медиумите.