Пекол на полската граница: Стотици илјади измрзнати и изморени Украинци бегаат од војната
Иако река луѓе бегаат во Полска, голем број од нив откако ќе ги згрижат семејствата, се враќаат назад да се борат.

Медика – Топлите зраци на утринското сонце ги отстрануваат последните знаци на мраз од автомобилите паркирани во бескрајни редови покрај патот. Медика – главниот граничен премин меѓу Полска и Украина – полека се буди, а исто така и десетици мажи и жени кои ја поминаа ноќта на паркинзи, чекајќи ги своите најблиски да пристигнат.
Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, повеќе од 115.000 бегалци преминале во Полска, соопшти полското Министерство за внатрешни работи. На сите од Украина им е дозволен влез, дури и на оние кои немаат валидни пасоши. За некои бегалци, потребни се повеќе од 24 часа да ја преминат границата меѓу Украина и Полска, a претходно на некои им требаа денови да избегаат од војната.
Хелена (49) од Дрохобич во западна Украина, пие чај и јаде сендвич што го добила од волонтери. Таа има семејство во Познан, Полска и знае дека напорното патување наскоро ќе заврши. Но, и требаа 24 часа да ја помине границата и да стигне на безбедно. „Тоа беше пекол“, изјави таа за Ал Џезира пред да пукне во солзи.
Некои од бегалците. вклучувајќи и деца, порачуваа дека се многу изморени, дека практочно оделе пеш до границата и до 30 километри, на екстремно ниски температури.
За Денис, 30-годишен од Черновци, Украина, кој работи на градилишта во Полска, тоа беше тешка ноќ. Тој пристигна во Медика во четвртокот за да се сретне со сопругата и децата кои доаѓаат од Украина. Но, по цела ноќ чекање, никаде ги немаше на повидок.
„Тие се на граница повеќе од 24 часа. На почетокот сакале да поминат пешки но било тешко, па нашле автобус. Барем не е толку студено како надвор“, рече тој. „Но, во последните пет часа, никој не може да помине. Нејасно е зошто“.
Додека сопругата и децата на Денис се на пат , неговата мајка решила да премине назад во Украина. Таа не сакаше да биде подалеку од нејзиниот сопруг и уште два сина, кои наскоро би можеле да добијат повик за учество во борбите.
„Татко ми се бореше во Авганистан и знае како е војна“, рече Денис. „Тој беше подготвен да го жртвува својот живот за Советскиот Сојуз. Сега тој е подготвен да го жртвува својот живот за Украина против новата руска сила“, рече тој.
„Тоа е парадокс. Но, секој може да види што прават Русите. Го зедоа Крим, Донбас, сега го сакаат Харков“.
Наместо да бегаат од војна, стотици Украинци се враќаат дома. Денис рече дека и тој може да се приклучи на војната , но прво сака да се увери дека неговата сопруга и децата се безбедни. За една или две недели, рече тој, ако непријателот биде поблиску до неговиот роден град Черновци, ќе мора да земе оружје.
„Ако се приближат до нашите домови, ќе мора да се вратиме и да се бориме. Толку години работевме да ја изградиме државата што ако некои од нас да си заминат, други ќе мора да останат. Ако сите си заминат, кој ќе не брани?“ праша Денис.
Во првата половина од денот во петокот, повеќе луѓе преминаа во Украина отколку што беа забележани како ја напуштаат границата – збунувачки парадокс во време на масовен егзодус.
Украинските бегалци, исто така, се пожалија на долгите часови чекање за да го добијат полскиот печат, на недостигот на храна на преминот меѓу Украина и Полска и големиот студ во регионот. Среде граничниот хаос, волонтери им делеа вода, топла облека и ќебиња на бегалците и на регрутите кои преминаа во Украина за да се приклучат на борбата.Опремата ќе им овозможи на жените и децата – заглавени меѓу Полска и Украина и сè уште чекаат шанса да стигнат на безбедно – да преживеат уште еден леден ден.
Полските и украинските волонтери работат дење и ноќе на сите гранични премини за да обезбедат вода, топли пијалоци и храна за бегалците кои пристигнуваат од Украина. Јелена, и самата 43-годишна бегалка, е една од волонтерите кои ги делат предметите. Таа во Полска пристигна пред речиси една година од Белорусија. Кога дознала дека Русија започнала целосна инвазија против Украина, не сакала да остане и да гледа.
„Сакав да се приклучам на војната. Полскиот граничен чувар ме пушти, но Украинците не. Знаеш зошто? Затоа што имам белоруски пасош“, изјави Јелена за Ал Џезира.
„Таму е потребна секаква помош: некој треба да готви, некој да се грижи за ранетите. Дури се обидов да преминам втор пат, но безуспешно“. Јелена потоа го уништила нејзиниот белоруски пасош во знак на протест против војната и им се придружила на украинските и полските волонтери на границата.
„Се срамам за Белорусија. Украина мора да победи во оваа војна“, рече таа. „Слава на Украина “.
Олга чека во истата редица. Таа се издвојува од остатокот од толпата. Нејзиниот долг, модерен капут со чудни дезени и беспрекорна коса привлекува внимание. Олга и нејзиното момче Сергеј чекале лет назад за Украина на аеродромот во Вилнус, Литванија, кога слушнале за војната што се одвива во нивната татковина.
„Отидовме во Литванија на викенд и заглавивме таму. Нашиот лет за дома беше откажан. Првите неколку часа не можевме да разбереме што се случува, не можевме да веруваме“, изјави Сергеј, 33-годишниот режисер кој никогаш не држел пиштол во рака. Но, ако неговите вештини не се доволни за поддршка на борбата, тој може да научи нови, вели тој со воздух на самодоверба. „Сè што е потребно за да и се помогне на земјата“. Таа, пак, сега се надева дека откако ќе се врати во Украина, ќе може да волонтира во болница како медицинска сестра. Сака да се направи себеси корисна.
На парот му требаа два дена да стигнат од Вилнус до границата. Сите автобуси на таа релација беа откажани, а немаше ниту возови. На крајот, „литванските браќа“ ги возеа директно во Медика. Иако Сергеј се плаши од војна, вели дека никогаш не му паднало на памет да остане на друго место во Европа.
„Постои една Украина и не можеме да ја изгубиме. Тоа е наша татковина и никогаш нема да биде Русија“. (Ал Џезеира)