Пекарите од утре ќе испорачуваат леб и по 33 денари, но правно ќе се пресметаат со Владата

Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните


Пекарската индустрија од утре ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но ќе поведе и судска постапка за наплата на штетата што ја претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот. Како што изјави  претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

-Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните, потенцира Малишиќ.

Тој оцени дека Владата воопшто нема чувство за новонастанатата ситуација, и како што рече, уништува една од основните индустрии во земјата.

-Пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките кои се носат се на штета на пекарската индустрија.Поради наметнатите загуби пекарската индустрија е принудена да се прилагоди и истите да ги намали со одредени видови на леб, но и да намали во бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане. Владата како и пред носењето на одлуките така и по нивното носење повеќе е од очигледно дека нема чувство за новонастаната ситуација и при тоа е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратешка индустрија. Доколку оваа одлука помине сега во делот на производството на леб, тогаш истото ќе се случи и со остатокот на прехранбената индустрија за што веќе сведочат и денешните изјави на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на останатите производи“,
рече Малишиќ.

На прашањето, колку чини еден леб, Малишиќ немаше конкретен одговор, а на прашањето, како е можно на пекарите во Штип да им се исплати, а во Скопје да не им се исплати да продаваат леб за 33 денари, им порача на новинарите да ги прашаат нив.

-Секоја компанија си има свои пресметки во зависност од големината, од вработените. Никој не може да тврди колку чини еден леб. Тоа ако е така сите ќе отворат пекари и ќе мислат дека има профит. Тоа компаниите може да ви кажат, има вработени по 200, 300, 400… прават разни лебови, лебовите не чинат исто ако се бел или полубел, квалитетот е различен, пакувањата се различни, дистрибуцијата е различна, залихите се различни. Значи нема одговор на таквото прашање,посочи тој.

Запрашан колку компании не испорачуваат леб во продавниците, Малишиќ одговори:

-Тука сите беа согласни. Малите пекари кои не беа присутни и некои што не се согласуваа, тоа е право на секого, почнаа да испорачуваат. Останаа пекарите што не испорачуваат, што донесоа одлука и останаа на тоа. Колку компании во бројка не можам да кажам, има многу мали и по градовите што не произведуваат леб, има и големи што не произведуваат. Има и што произведуваат. Така што, тоа е тоа. Не се сите членки на здружението.