Пекарите се заканија – ако се замрзне цената, нема да испорачуваат леб

Откако ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во „Службен весник“ од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот


 

Производителите на леб денеска се заканија дека доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на овој производ, тие веднаш ќе престанат да го произведуваат  и да го испорачуваат на пазарот, и тоа не само „народниот“, туку сите видови леб. Ваква одлука донеле едногласно 32 индустриски пекари од целата држава плус здруженија на мали пекари од повеќе градови, на итниот состанок кој што беше одржан во Стопанската комора на Македонија.

„Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“, изјави за медиумите Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија.

„Таа мерка на пекарите ќе им нанесе штета и ќе доведе до нивно итно затворање. Штета би изнесувала, во зависност од индустриските пекари и од нивната големина, од три до 15 илјади на ден“, додаде Малишиќ.

Оваа реакција доаѓа по најавата на министерот за економија за укинување на мерката за субвенционирање на електричната енергија на пекарската индустрија, како и по најавата за замрзнување на цените на лебот.

Покрај оваа радикалната мерка за прекин на производството на сите видови леб, претставниците на пекарската индустрија од сите комори кои беа присутни на денешниот состанок, донесоа и заклучок дека по воведување на мерката за повластена цена на електричната енергија за прехранбената индустрија, сите компании ги намалија цените на лебот, и повеќе отколку што изнесува процентуалното учество на електричната енергија.

„Производителите денеска едногласно донесоа заклучок дека мерката има позитивен ефект. Со донесувањето на ова мерка првично се стопираа зголемувањето на цената, не само во пекарската индустрија туку и во другите индустрии и мерката дозволи да се намали цената соодветно и да се создадат услови нормално стопанисување на пазарот, односно да се создаде конкуренција“, рече Малишиќ.

Тој додаде дека со таква конкуренција во изминатите два месеци почнаа да се намалуваат цените, така што на пазарот има различни варијации на леб со различни цени и грамажи.

Според него и сега на пазарот  има леб по цена од 33-35 денари, па се до 50 денари, зависно дали е сечен или несечен.

„Така, за населението како социјална категорија веќе постои леб по таа цена во одредени маркети“, рече Малишиќ.

Тој велии дека секоја компанија си има своја математика, свои суровини свои влезни трошоци, вработени, електрична енергија, пакување.

„Тоа го дозволува пазарното стопанство. Секоја компанија може да ја понуди цената која што неа ја чини и со одлуката за маржирање на пет отсто, да ја формира цената. Така да, варијации на цените на лебот во зависност од квалитетот, грамажата и пакувањето, има на пазарот“, вели Малишиќ, додавајќи дека „никој со сила не го тера населението, ако постои леб од 30 денари, да оди да купува од 50 денари“.

Запрашан, дали сепак, некои производители нема да ја почитуваат одлуката на пеакрската индустрија, тој рече дека можно е да постојат штрајкбрекери, но тие нема можат да ја задоволат побарувачката.

„Не може државата да префрла на фирмите да ја вршат нејзината социјална функција“, вели Малишиќ.

Од вкупното производство леб во државата, дури 85 отсто е полубел и бел леб.

Околу можното враќање на 1,3 милиони евра колку што биле субвенциите за струја, претставниците на пекарската индустрија одговорија дека таквите размислувања не заслужуваат коментар и дека луѓето кои тоа го велат не се запознаени како функционира економијата.

Министерот за економија Крешник Бектеши, викендов изјави дека Владата утре (вторник) ќе донесе одлука за замрзување на цената на лебот и дека таа нема да биде над 33 денари. Тој не прецизира до кога ќе важи замрзнатата цена.

Овие најави на министерот доаѓаат по бројните приговори од страна на граѓаните дека субвенционирањето на струјата за производителите не донесе и пониски цени на пазарот. 

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека се прават анализи, по што ќе се знае дали имало несоодветно однесување од страна на компаниите, или пак, постојните цени се резултат и на други влезни трошоци.

Денеска од пекарската индустрија рекоа дека струјата не е единствениот трошок кој што влијае врз цената на лебот, туку во таа насока се и зголемните плати и другите влезни цени.

Од Организацијата на потрошувачи деновиве истотака имаше жестока реакција поради однесувањето на компаниите кои и покрај добивањето сувбвенции, не ги намалија цените на нивните производи.  

Од таму беа категорични дека Владата треба да им ги земе субвенциите за електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија и тие средства да ги вложи за „зелена енергија“ со цел граѓаните да имаат помали сметки за струја.

Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар, смета дека парите најпрво треба да се вратат во државниот Буџет, од каде што се земени.

„Владата треба да размисли за да се заштитат граѓаните. Јас лично се изненадив кога рекоа дека ќе престанат да им даваат субвенции на компаниите. Не треба да престанат, треба да побараат да им ги вратат парите за субвенционираната струја и ние тоа го бараме. Да побараат, тие пари што ги дале, да им се вратат назад, како што даваа субвенции за фирмите, па не завршија кај работниците“, рече Лончар. (М.Ј.)