Педесет и две семејства во социјален ризик од Гевгелија ќе добијат стан


Oд утре сите заинтересирани лица од Гевгелија кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, ќе можат да аплицираат за социјален стан. 

Јавниот повик ќе трае од 16 февруари до 20 март и на него може да аплицираат шест категории на граѓани и тоа: деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца. 

„Би ја искористил приликата да упатам апел до сите граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат до Центарот за социјални работи во Гевгелија. За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи Гевгелија,  ќе ја обезбедува потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас. Грижата за најранлините категории граѓани е посебно изразена сега во време кога ни претстои најголемиот предизвик со оправување од енергетската и економската криза. Како Влада, остануваме силно посветени и оваа година во обезбедување на топол дом за најранливите семејства”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска изврши увид во зградата. 

 Изградбата чинеше 102 милиони денари. 

„Колективната, станбена зграда во Гевгелија е со површина од приближно 2.400 метри квадратни со четири ката и приземје.  На приземје има четири стана наменети за инвалидизирани лица. На катовите има по 12 стана, односно зградата вкупно располага со 52 стана со површина од 35м2  до 49м2, 52 подрумски простории и пет деловни простории. Во склоп на парцелата има и отворен паркинг простор со 22 паркинг места. Зградата ја завршивме во август минатата година“, изјави Зоран Ѓорѓијев, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. 

Министерот Бочварски истакна дека во следниот период ќе се распределуваат социјалните згради во Демир Капија,  а потоа и во  Неготино.