„Патот на Северна Македонија кон ЕУ – што е следно?“


Онлајн дебата „Патот на Северна Македонија кон ЕУ – што е следно?“ ќе биде одржана денеска во организација на германскиот Аспен институт.

На дебатата ќе се обратат Сабине Штохр, директор за финансиска рамка на ЕУ и политики на ЕУ во германското Министерство за надворешни работи, Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Валеска Ешч, заменик извршен директор и програмски директор за Европа на Институтот Аспен.

– Како можат да се подобрат изгледите за членство на Северна Македонија во ЕУ и како може да се одржи кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ? Како да се одржи жив реформскиот моментум, дури и ако продолжи блокадата за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ? Кои улоги играат надворешни актери и какво влијание има пандемијата Ковид-19 врз земјата?, се централните теми на кои ќе се фокусира дискусијата.

Организаторот на дебатата Институтот Аспен, во најавата потсетува дека Северна Македонија официјално аплицираше за членство во ЕУ во 2004 година и доби статус на кандидат во 2005 година. Од 2009 година, Европската Комисијата редовно препорачува отворање на пристапни преговори со Северна Македонија. Поради билатералниот спор со Грција околу името, отворањето на пристапните преговори беше блокирано сè додека земјата не беше преименувана во 2019 година, како резултат на Договорот од Преспа. Во март 2020 година, Европскиот совет донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и следни чекори би требало да бидат усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.

Но, сега Бугарија го блокира процесот на пристапување кон ЕУ поради различните толкувања на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји. Покрај тоа, пандемијата на Ковид-19 сериозно ја погоди Северна Македонија, а бавната испорака на вакцини што доаѓаат од ЕУ дополнително ја ослабе улогата на Унијата во земјата, нагласуваат од Аспен институтот во најавата за денешната дебата „Патот на Северна Македонија кон ЕУ – што е следно?“.