„Патина“- нова книга на Тихомир Јанчовски


Промовирана е книгата „Патина“ на поетот, колумнистот и преведувач Тихомир Јанчовски во издание на „Стрип квадрат“. Корицата е на Филип Херин.


– Останувајќи верна на структурната тројственост, книгата е поделена во три главни целини, кои нѐ водат низ граѓата и преѓата на авторскиот дом, како во материјална така и во духовна смисла. Првиот дел, Патина (состојба на куќата), е вешта плетка од меѓусебни сличности на куќата и телото како човечки дом, придружено со размисли за нивната состојба, градба и одржување. Во вториот дел, Градина (состојба на дворот), излегуваме од преиспитливиот однос на авторот кон самиот себе и го сведочиме освестувањето на неговото чувство за надворешниот свет и другите луѓе – на целовитоста на куќата во зависност од нејзиниот двор, околина, градина… Третиот дел, Стамина (состојба на темелите и покривот), е еден вид кулминација на авторската свест за заедничките борби, кои овоземните жители ги имаат во однос на своето прифаќање како индивидуи, но и како делови од заедничкиот дом кој го делат… налик на покривот и темелите без кои преостанатиот дел од куќата би бил само убава градба осудена на краткост и неодржлива стаменост. Со ваквиот аналитичен осврт кон себето, однесени сме на прошетка низ личното подземје и надземје на Тихомир, во кои тој го (ре)открива својот личен пат во испреплетеноста на „овој“ и „оној“ свет. Со синтезата, пак, на сродните човечки индивидуалности во една споделена целовитост, го сведочиме освестувањето на авторското чувство за припадност во свет што нуди победа над себето, но не како резултат на самопобедување. Токму со таа сетилност Јанчовски нуди сосема ново доживување на концептот на „пат околу себе за живот дена“. Со тоа не само што го оправдува пристапот на реоткривање на животните врски и смисли низ дневничко-исповеднички записи туку останува верен и на иницијалното ветување кон читателот за прозно заедничарење, потпирајќи се на зборот како на трет сопатник – пишува Тања Аждаја за книгата.

 

Роден е во 1967 година, во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја (2008).  Пред да наполни 30 години, живеел во Скопје, Брисел, на островот Скијатос, малку во Амстер­дам, повеќе во Лондон и во Будимпешта и пак во родниот град. Бил трипати на Света Гора. Од 1997 година постојано живее и работи во Скопје. Има објавено шест книги поезија:

„Обични зборови“, Табернакул, 1999

„Два“, Кинематика, 2002

„Последно време“, Блесок, 2005

„Осама“, Или-или, 2010

„О, ти“, Темплум, 2011

„Староста може а и не мора да се дочека“, Матица, 2013

Избори од неговата поезија се преведувани и објаву­вани во различни литературни списанија и антологии („Млад борец“, „Студентски збор“, „Proglas“, „Texas Poetry Review“, „Muse India“, „Блесок“, „Пурпурни извори“, „Voix Vives“…). Колку што ни е познато, преведуван е на англис­ки, француски, словачки, српски, хрватски, албански, грч­ки и на италијански јазик.

Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „рурбано“. Исто и на офф.нет, рубрика „исповеди“.