Партиска битка за пензионерите: Кој нуди повеќе и чија понуда е (не)реална

Според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, годишно ќе треба да се издвојуваат по уште 330 милиони евра за пензионерите. Од каде ќе се најдат тие огромни пари?


Фото: Б. Грданоски

 

Пензионерите денеска го добија најавеното зголемување на пензиите од 5,3 отсто, кое се пресметува два пати годишно, врз основа на моделот 50 отсто пораст на просечната плата, и 50 отсто пораст на трошоците на живот, односно инфлацијата.

Но, паралелно со она што е тековно усогласување, политичките партии веќе излегоа и со конкретни понуди за највозрасната популација со цел да се обезбеди глас повеќе за политичката опција којашто ја нудат. Некои ветуваат номинално повеќе, други, пак се држат до пореални варијанти, кои како што велат нема да ја доведат во прашање сигурноста на пензискиот систем. Во ова „милување“ на пензионерите предничат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои во предизборните програми испорачаа конкретни предлози.

Така, понудата на ВМРО-ДПМНЕ се состои од линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари кое што би се реализирало во рок од една година од формирањето на новата влада, додека СДСМ покрај решението кое што го воспостави за редовно зголемување на пензиите, сега во пресрет на изборите излезе со понуда од 6.000 денари кои пензионрите би ги добивале како новогодишна честитка.

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, во повеќе настапи на телевизиите нагласува дека линеарното зголемување на пензиите од 5.000 денари „не е собирање гласови“, туку одлука врз основа на реалноста како живеат одредени групи на граѓани во земјава.

Процентуалното зголемување на пензиите значи дека секој добива сразмерно според висината на пензијата, а таа пак, се одредува врз основа на она што секој осигуреник во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување го издвојувал во текот на работниот век.

Дали моделот на ВМРО–ДПМНЕ може да го доведе во прашање ваквиот принцип?

Според Димитриеска-Кочоска, начинот на кој што се покачуваа пензиите изминатиот период покажа статистички дека јазот помеѓу најниските и највисоките пензии се продлабочил многу, и оттука предлогот е за линеарно зголемување од 5.000 денари.

„Ние гледавме да бидеме коректни кон сите, затоа што пензионерите за нас и за нашиот систем тежат исто. И ние гледаме тие пензионери последните денови од својот живот достоинствено да ги поминат, а тоа значи да можат да платат и струја, која што е покачена, можат да платат вода, комуналии, да можат да купат храна, да го поминат достоинствено месецот“, изјави таа во гостување на „Вин вин“ на Телма.

Математиката е едноставна – и оние кои примаат ниски пензии од 12 илјади денари и оние кои примаат пет пати повеќе, односно 60 илјади денари, би добиле зголемување по 5 илјади денари, со што практично разликата меѓу нив не би се зголемувала како што тоа го прави постојниот модел. Така, со зголемување од 5 отсто оние со 12 илјади денари пензија би добиле 600 денари, а оние со 60 илјади би добиле 3 илјади денари, или пет пати повеќе.

Но, ваквиот модел на ВМРО-ДПМНЕ, според критичарите, во себе крие голема опасност од дестабилизирање на целиот пензиски систем, кој иако е солидарен, сепак, во суштина се темели на износот кој вработените го двоеле во текот на работниот век.

Математиката вели дека за исполнување на таквото ветување ќе бидат потребни најмалку 330 милиони евра годишно за околу 338 илјади пензионери, колку што се евидентирани во ПИОМ. Тоа е речиси шест отсто од вкупните буџетски расходи од околу 5,5 милијарди евра предвидени за годинава, за буџет кој од страна на опозицијата го носи епитетот „расипнички“.

За четири години вкупната обврска ќе биде над 1,3 милијарди евра, само за линеарното зголемување од 5.000 денари.

За СДСМ ваквото ветување на ВМРО-ДПМНЕ е популистичко и нереално и ќе го дестабилизира целиот пензиски систем.

Дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, одговарајќи деновиве на новинарско прашање за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите за 5 илјади денари, рече дека кога се формираше владата предводена од СДСМ во 2017 година, наследиле дефицит во системот на пензиско осигурување од 48 проценти, што се надомесува со средства од буџетот кон Фондот за ПИОМ.

„Во 2024 година, со домаќинско работење, тој дефицит е намален на 32,5 проценти. Ова говори за стабилност на Фондот, со тенденција тој дефицит да оди многу подолу. Со линеарното зголемување од по пет илјади денари што го најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, според проценките што ги направивме со Фондот претходно, дефицитот за една година ќе се качи на 52 процента. Тоа би значело нестабилност на Фондот и со тек на време, да биде доведена во прашање навремената исплата на пензиите“, вели Тренчевска.

Не само од СДСМ, со вакви предупредувања излегоа изминатите месеци и економски и даночни експерти кои посочуваат дека пензијата не е социјална, туку економска категорија, и дека барањето за линеарно зголемување нема економска логика. Оваа нивна реакција дојде по барањето на пензионерите лани за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, што сега влезе и во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Економистите исто така прават споредба со приватните пензиски фодови и прашуваат, дали би било логично осигурениците во приватните пензиски фондови да добиваат иста исплата без оглед колкав придонес уплатувале? Односно, да уплатуваат симболично, но да добиваат солидарно од прибраната маса на пари од сите осигуреници? За вакво постапување нема економско оправдување. Истото правило важи и за осигурениците во државниот пензиски фонд, сметаат тие.

Од друга страна, и Светска банка и ММФ со месеци наназад укажуваат на опасноста инфлацијата во земјава повторно да се разгори, доколку продолжи подгревањето на потрошувачката преку зголемување на примањата над она што значи зголемување на продуктивноста во стопанството.

На една од партиските трибини на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци на тоа укажа и Трајко Славески, член на највисокото раководство на партијата и нејзин главен економист, поранешен министер за финансии и универзитетски професор, кој повика на „нов општествен договор со синдикатите и здруженијата на пензионери кои треба да бидат умерени во своите барања за зголемување на платите и на пензиите“.

Тој тогаш предупреди дека „ние можеме номинално да ги зголемуваме и платите и пензиите, но инфлацијата ќе ги брка и ќе ги престигнува и секогаш ќе ја намалува нивната реална вредност“. Таквата спирала, како што посочи, мора да се скрши бидејќи е познато од историјата дека во таа трка помеѓу платите и цените, платите и пензиите се оние што губат. Секогаш и без исклучок.

Но, и покрај критиките за овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите, и СДСМ се свесни дека тука лежат стотици илјади потенцијални гласови за претстојните избори, па и тие во програмата која што ја промовираа вчера најавија „пакет“ за оваа категорија граѓани.

„Се обврзуваме за минимална пензија од 20.000 денари. Просечната пензија од 30.000 денари. Усогласување на пензиите секој јануари и јуни“, рече Тренчевска на промоцијата на програмата на СДСМ, „Програма за европска иднина“.

Таа додаде дека ќе се воведе и новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6.000 денари, но кажа и дека ќе се изградат најмалку 12 нови домови за стари лица.

Резултатите од претстојните парламентарни избори ќе покажат и кој од овие предлози поминал подобро кај граѓаните, дали напуштањето на принципот на зголемување на пензиите врз основа на растот на просечаната плата и стапката на инфлација, којшто се применува сега и нивно линеарно зголемување, или пак, системот до кој дојода преку тешки преговори Владата предводена од СДСМ и пензиските здруженија „надграден“ со новогодишните 6.000 денари.

Пензионерите, дел од ова го почувствуваа денес кога на сметките им „легна“ усогласувањето на пензиите за последните шест месеци.

Според методологијата која што беше долго преговарана (системот 50/50), секој пензионер во зависност од висината на пензијата доби меѓу 600 и 3.000 илјади денари

Вкупно 338.000 пензионери денеска добија зголемување на пензиите од 5,3 отсто

Така, оние од најниската категорија пензии, од 12.500 до 16.000 денари, во која спаѓаат 40 отсто од пензионерите, добија зголемување од 662 до 850 денари.

Другата група во која спаѓаат оние со пензии од 20.000 до 32.000 денари (околу 93 илјади граѓани) добија од 1.060 до 1.696 денари. Најголемо зголемување добија граѓаните кои примаат највисоки пензии – оние со пензија од 30.000 до 50.000 денари на сметките добија зголемување од 1.590 до 2.650 денари, а среќниците со пензија повисока од 54.000 денари добија „честитка“ од околу 3.000 денари.