Парламентот во Софија го изгласа бугаризирањето на 24 Мај


Бугарското собрание го преименуваа празникот „24 мај – Ден на бугарското образование и култура и словенско писмо. Отсега празникот е преименуван во „24 Мај – Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература“.

Предлогот го дале пратениците на Обединетите патриоти. Тоа било воведено како измена и дополнување на текст во Законот за работни односи.Мнозинството гласало „за“ и одлуката била усвоена. Тоа е конечно.

Георги Гоков од БСП се спротивстави на тоа. Кодексот на трудот не е место за решавање на историски спорови – убеден е тој. Според него, овој потег нема за цел да изгради национална самодоверба и патриотизам, туку да го одвлече вниманието на бугарското општество од сегашните проблеми.

Милен Михов од Обединетите патриоти ја спореди позицијата на БСП со изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој рече дека словенското писмо дошло во Русија од македонските земји. ОП се категорични дека формулацијата што ја нудат е целосно пробугарска.

-Единствено што ќе постигнете е појавата на празници во српската, македонската и во другите азбуки, сумираше социјалистот Таско Ерменков. БСП инсистира да се одржи широка јавна дискусија пред да се смени името на празникот.

Во дебатата не беше пропуштено да се нападне и Македонија. 

-Колку што разбирам, во бугарската научна јавност може да има различни спорови и за ова прашање, но неспорен е фактот дека бугарскиот придонес кон кирилицата е систематски и грубо напаѓан од Русија и од Македонија и треба да си го кажеме тоа, затоа посочете кој работи против бугарскиот национален идентитет во оваа насока, изјави Тома Биков од владејачкиот ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов како одговор на критиките од опозициската БСП.

„Откажете се, зошто тоа е длабоко внатрешно противречно и дава можности за различни интерпретации, од кои ќе трпат бугарските културни институти, вклучувајќи ја и нашата комисија што работи со Република Северна Македонија“, укажа претходно собранискиот потпретседател Валери Жабљанов од БСП.