„Паркови и зеленило“ ја демантира Општина Аеродром


ЈП Паркови и зеленило ги демантира дезинформациите објавени во денешната објава на Општина Аеродром со наслов ,,ЈП Паркови и зеленило иако се платени од жителите целосно го занемарија јавното зеленило“. 

„ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, на булеварите, на собирните и магистралните улици кои се под надлежност на Град Скопје. Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општината. ЈП „Паркови и зеленило“ редовно и континуирано го одржува зеленилото според усвоената Програма за работа од страна на Советот на Град Скопје. 

Во летниот период, каде изминативе денови имавме екстремно високи температури, зеленилото бара посебна грижа. За одржување на тревната површина во добра состојба во текот на летните месеци, покрај редовното косење за да се одржи оптималната висина, полевањето е неминовно. Така, полевањето на зеленилото го вршиме во доцните вечерни часови за да се избегне испарување на водата поради високи температури во текот на денот, а и поради апелот од ЈП Водовод и канализација за рационално користење на водата во деновите со екстремно високи температури за да не дојде до нестабилност во водоснабдувањето во високите зони. Наводнувањето го вршиме од 23 часот до 5 часот наутро“, стои во реакцијата на ЈП „Паркови и зеленило“.

Ваквите префрлања на надлежноста од страна на општините се веќе видена работа, особено деновиве кога се бара одземање на ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска. Но, тоа е нерелевантно за граѓаните, заедно со прашањето – дали ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно и за тревата и цвеќињата пред седиштето на Општината, кои се сушат исто така бидејќи никој не ги наводнува?

Во општината Аеродром има и други вакви спорови за надлежноста што ја прави состојбата со хигиената и зеленилото уште полоша, како на пример со просторот околу Трговскиот центар „Скопјанка“ , а веројатно и другите трговски центри со кои менаџира Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.

И по повеќе од 30 години откако е изградена Општината Аеродром и Јавното претпријатие не можат да се договорат кој е одговорен за зеленилото околу трговскиот и за чистењето, па 3о години станарите го чистат самите, а во некои делови не е исчистен воопшто и се претвора во депонија на влезот во општината и на главниот булевар.

Дрвјата пак што ги исече ЈП „Паркови и зеленило“ бидејќи паднаа во последното големо невреме со недели стојат несобрани на главната улица.