„Пари“: Нина Ангеловска ќе биде директор на онлајн платформата „Ананас“ во сопственост на Мишковиќ


 

Поранешната министерка за финансии и основач на „Групер“, Нина Ангеловска, е пред нов професионален предизвик, овој пат во Србија, каде ќе биде директор за интернационален бизнис развој во „Ананас“ – платформа за онлајн тргување, пишува порталот „Пари“. „Ананас“ е во сопственост на компанијата „Делта“ на српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ.

На 28 јануари, „Делта холдинг“ го објави отворањето на платформата за онлајн трговија „Ананас“.

„Делта интензивно развива платформа за е-трговија наречена ‘Ананас’, која ќе биде активна веќе во првата половина од оваа година. Ќе се карактеризира со исклучително голем асортиман на стоки, соработка со најголемите добавувачи, но и целосно ново корисничко искуство. Инвестицијата во ‘Ананас’ во следните пет години ќе изнесува 100 милиони евра. Со финансиската сила и инвестициското искуство што ги има ‘Делта’, уверени сме дека можеме да создадеме регионален гигант во онлајн трговијата. ‘Ананас’ ќе им понуди на корисниците нешто на што не се навикнати во домашната трговија, а што го имаат само најголемите светски трговци на мало како ‘Амазон’ или ‘Алиекспрес’. На самиот почеток ќе го покриеме пазарот на Србија, но со намера наскоро да бидеме присутни на пазарите во поранешна Југославија, плус Албанија“, соопшти тогаш компанијата, пишува „Пари“, додавајќи дека Ангеловска веројатно ќе работи и на воведување на платформата во Македонија.

Инаку, платформата „Групер“ за онлајн групни попуст лани на 16 февруари стана дел од полската групација Asseco SEE. „Групер“ беше основан од страна на Ангеловска и двајца нејзини партнери и за десетина години значајно ја разви е-трговијата во нашата земја.