Парадокс во ЛШ: За европската титула ќе се борат екипи кои со децении не биле прваци на својата земја
Европа ќе добие нов шампион на 1-ви јуни, а трофејот ќе заврши во витрините или на Ливерпул или на Тотенхем. По 11 години повторно ќе се игра англиско финале во Лигата на шампионите, а по седум години трофејот ќе заврши на Островот.
Меѓутоа, финалето помеѓу Тотенхем и Ливерпул носи еден интересен куриозитет, кој апсолутно се коси со името на натпреварувањето – Лига на шампионите. Првакот на Европа во 2019 година ќе биде или тимот кој 29 години не бил шампион на својата земја (Ливерпул), или тимот кој 58 години не бил првак на истата таа земја (Тотенхем). Не е првпат во борбата за трофејот да бидат два тима кои претходно не ја освоиле домашната титула, но ваков пост каков што имаат двете англиски екипи е потполно фасцинантен.
Ниту Клоп, ниту Покетино не биле родени кога Тотенхем последен пат бил најдобар на Островот. Сепак, реформираниот систем на натпреварување од пред повеќе од 20 години, кој дозволи во него да играат и клубови кои не се шампиони на својата земја, ги отвори вратите за вакви ситуации.
Тотенхем на патот до финалето дури го исфрли и актуелниот првак на својата земја, Манчестер Сити. Од сите четири учесници во полуфиналето, само Барселона беше тука како актуелен шампион на својата земја. Ниту Ајакс минатата сезона не ја понесе круната во Холандија, туку сопственик на истата и понатаму е ПСВ Ајндховен, кој беше елиминиран во групната фаза, гледајќи во грб на Барселона и Тотенхем.
Ова е инаку седми пат во историјата на ЛШ во финалето да се судрат тимови кои не биле шампиони на својата држава. Првиот пат се случи во 1999 година кога играа Манчестер Јунајтед и Баерн. Следната сезона се случи истото во дуелот на Реал Мадрид и Валенсија, па во 2007 кога се соочија Милан и Ливерпул.
Во последната деценија ова е дури четврти случај. Најпрво во 2012 година Челзи и Баерн водеа битка за европскиот трон, две години подоцна Реал и Атлетико, кои истото го повторија и во 2016. Сега е редот на Тотенхем и Ливерпул.
УЕФА за 2024 година најави нов, реформиран систем на натпреварување. Повторно ќе се прави револуција во најсилното европско натпреварување и сигурно е дека случаевите како годинешниот ќе се повторуваат.
Но, што ќе се случеше ако Купот на шампиони никогаш не станеше Лига на шампиони? Ако и по 1992 година останеше во него да играат само тимовите кои претходно биле шампиони на домашното првенство?
Неколку европски титули не би завршиле таму каде што се. На пример, Реал Мадрид четирите трофеи во Лигата на шампионите ги освои во сезони во кои Барселона беше актуелен шампион на Шпанија (2000, 2014, 2016 и 2017). И Барселона се „изгреба“ за две титули во годините кога шампиони на Шпанија беа Реал и Атлетико (2009 и 2015).
Два трофеи помалку би имал и Милан! Кога во 2003 година ја освои Европа, првак на Италија беше Јувентус, додека во 2007 година најдобар беше Интер.
Манчестер Јунајтед во 1999 година беше првак на Европа, а во Англија сопственик на круната беше Арсенал, додека Челзи единствената континентална титула ја освои во 2012-та, во годината кога Манчестер Јунајтед беше шампион на Англија. Ливерпул во 2005 година ја освои Европа, додека во Англија газда беше Арсенал.
Шампионскиот трофеј од Премиер лигата и оваа сезона беше во Манчестер. Трофејот од Лигата на шампионите ќе оди или во Лондон или во Ливерпул.